За викендов се очекува екстремно топло време, со температури што ќе достигнат до 42 Целзиусови степени. Ваквото време ја става Македонија во портокалова фаза до средината на следната недела, поради што Владата препорача граѓаните да не излегуваат надвор, како и да се избегнуваат градежни и други физички активности од 11:00 до 17:00 часот, да се пијат течности и да се ослободат од работа бремените жени и лицата над 60 години.

– Владата им препорача на единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и на центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да им укажат помош на осамените, старите, изнемоштените лица и на бездомниците. Со оглед на тоа што одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област – информираа од Владата.

Од Институтот за јавно здравје препорачаа, во овие екстремно топли денови, граѓаните да носат со себе шише вода, да имаат на себе лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да носат капа, шешир или чадор за заштита, доволно да спијат, да јадат овошје и салати, да избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.

Од Итната медицинска помош во Скопје велат дека, поради топлото време, деновиве е зголемен бројот на интервенции при колапси на јавни места, дневно и по десетина, во автобус или на работното место. Во пораст е и бројот на телефонски повици од граѓани што бараат совети од Итната медицинска помош.

Матичните доктори им препорачуваат на пациентите што доаѓаат кај нив да не се движат по горештините, да ги завршуваат сите обврски во раните утрински часови, како и да јадат лесна храна и да пијат многу течности.

Надлежните советуваат да се спроведуваат активностите на отворено пред 11:00 и по 17:00 часот, а при престој на отворено, да се биде во сенка. Во затворен простор, пак, ако има вклучено клима-уред, тој да се исклучи половина час пред да се излезе надвор.

Метеопрогнозерот Славчо Попоски вели дека Македонија е зафатена од екстремно топол бран од Африка, со екстремно високо УВ-зрачење, поради што и наредната недела ќе биде многу топло, со температури што ќе достигнат до околу 40 Целзиусови степени во Скопската Котлина. Попоски очекува најтопло да биде во централните и во југоисточни предели, каде што температурите во текот на викендот ќе се искачат дури и до 43. степен. За следната недела, тој прогнозира уште потопло време и температури до околу 45 степени.

И во земјите од регионот е активиран црвениот или портокаловиот метеоаларм, како предупредување за многу високи температури, дури и во ноќните часови. Така, во градовите покрај хрватската ривиера како Дубровник, Сплит, Риека, има тропски ноќи со температури до 30. степен. Во сите земји од регионот е издадено предупредување за многу висок УВ- индекс.

Температурите на југот од Европа се зголемуваат, а на многу популарни дестинации како Шпанија, Италија и Грција, температурите надминуваат 40 степени, што ги брка туристите од Медитеранот. Во Франција, само неколку недели пред почетокот на Олимписките игри во Париз, се вели дека организаторите се загрижени за безбедноста на спортистите, поради потенцијалните рекордно високи температури.

И додека југот на Европа се бори со топлотни бранови, северот на Стариот Континент е опфатен од дождови, поплави и температури до 20 степени и тамошните жители сè уште чекаат да почне летото. 

Според истражувањето на „Инверто“, од 2021 до 2023 година, бројот на екстремни временски настани во Европа годишно се зголемувал од 11.442 на 16.956 регистрирани настани.

(С.Бл.)