Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ од 9 март ја укинува линијата Скопје–Будимпешта, без официјално објаснување дали ќе ја врати во октомври со зимскиот ред на летање. На страницата за резервации веќе не може да се купат карти за главниот град на Унгарија.
„Визер“ држи повеќе од 50 проценти од воздухопловниот пазар на македонските аеродроми, а линијата кон Будимпешта е седмата што ја укинува за една година. Претходно, минатиот месец престана да лета за Салцбург и Бремен, а доцна есента 2024 година ги укина летовите до Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавста. За Луксембург беше укинат кон средината на јануари минатата година, по само два месеца летање.
На огласот на Владата за субвенционирање на авиолинии во 2023 година „Визер“ доби субвенции за летови до Љубљана, Салцбург, Луксембург и Штутгарт, но од овие линии функционира само авиолинијата Скопје-Љубљана. На следниот оглас од есента 2024 година „Визер“ доби субвенции за Лион, Барселона и Штутгарт за тригодишно оперирање.
Додека, пак, во тек е огласот од лани во декември каде што се бараат авиокомпании за кои ќе се плаќа државна субвенција ако воведат авионски линии од аеродромите во Скопје и Охрид од 1 јануари 2025 година до 31 декември 2027 година. Апликациите ќе се разгледуваат и одобруваат според системот „прв дојден, прв услужен“ додека не се исцрпат средствата од 3,36 милиони евра.
Владата ги определи условите за, како што наведе министерот за транспорт, Александар Николоски „да не се субвенционираат авиокомпании како што беше пракса, туку дестинациите што тие компании ќе ги одржуваат, е за да се намали зависноста од една компанија, како што е сега унгарскиот нискобуџетен превозник „Визер“.
(С.Бл.)