EPA-EFE/Javier Lizon

Крајно бизарна ситуација беше видена на велосипедската трка во Баскија, а во главна улога беше најдобриот натпреварувач, Словенецот Примож Роглич. Членот на Бора-хансгрое е победник на индивидуалниот хронометар низ улиците на Ирун, со кој започна 63. издание на еднонеделната велосипедска трка во Баскија, која се бодува за Светскиот тур.

Делницата од 10 километри, Роглич ја помина со едно категоризирано искачување за 12 минути и 34 секунди, кое ниту еден од неговите конкуренти не успеа да го надмине. Роглич можеше да постави и подобро време, но на последната кривина наместо да сврти кон целта, тргна во друг правец, па мораше да се враќа назад поради што загуби десетина секунди.

Сепак, ниту тоа не го спречи да ја прослави првата победа во дресот на германскиот тим, во кој дојде оваа сезона од холандската Висма, во која ги постигна сите свои најголеми успеси во период од осум години, станувајќи трикратен победник на шпанската Вуелта и победник на минатогодишното издание на италијанскиот Џиро.

За Роглич ова е 81. професионална победа во кариерата и петта етапна победа на трката во Баскија, во која двапати беше вкупен победник (2018 и 2021 година). Интересно, сите пет етапни победи Роглич ги постигна на индивидуалниот хронометар.

На хронометарот најблиску до актуелниот олимписки победник се најде Австралиецот Џеј Вајн (ОАЕ Емирати), кој на целта стигна со седум секунди послабо време. Трет беше Данецот Матијас Скјелмозе (Лидл-Трек) со 10 секунди заостанување, додека актуелниот светски шампион на хронометар, Белгиецот Ремко Евенепоел (Соудал Квик-Степ) заостана 11 секунди, пред сè поради пад во една кривина кој му одзеде неколку секунди.