Вистински инвалиди не добивале потпис, со нивните дијагнози други заработувале пензии

ОТКАКО СЕ ОТВОРИ АФЕРАТА „МЕТАСТАЗА“, ГРАЃАНИ СВЕДОЧАТ ЗА ГОЛГОТАТА НИЗ КОЈА ПОМИНАЛЕ

1361

Случувањата со доделувањето инвалидски пензии и со така наречената туѓа нега не се од вчера, станува збор за години со разработена шема на доктори што членуваат во комисиите, меѓусебно поврзани, даваат лажни потврди со дијагнози за инвалидитет на барателот на кој вистински не му следува пензија, но ја купува за три илјади евра, ова се дел од јавното сведочење на социјалните мрежи, по полициската акција за спречување криминална група составена од лекари, службеници, адвокати, кои дејствувале како злосторничко здружување заради парична корист.

Откако беа изведени осомничените во новата „Метастаза“ пред судија на претходна постапка, на деветмина од пријавените им е определена мерка притвор во траење од 30 дена, на петмина им е изречена мерка куќен притвор, а на деветмина – мерки на претпазливост, односно одземен им е пасошот. Истрагата опфаќа 49-мина инволвирани во криминалниот синџир за доделување пензија и нега. Дури немало ни потреба луѓето што давале поткуп да дојдат пред комисијата, лажните медицински прегледи кај матичните доктори или болничките прегледи од специјалисти биле испраќани преку посредници, со договореното мито.

„Осомничените членови на комисиите изготвувале, обезбедувале и употребувале медицинска документација во вид на медицински упати, отпусни писма, медицински извештаи, контроли и контролни прегледи, психолошки тестови, конзилијарно мислење, потврди за медицински помагала и друга медицинска документација со невистинита содржина. Надлежното обвинителство тврди дека има докази за докажување повеќе кривични дела. Не е прв пат истражните органи да докажуваат ваков случај со купување инвалидски пензии, последниот заврши со мали или условни затворски казни, бидејќи многу од сведоците негираа дека дале мито. Сепак, она што е важно сега, откако по втор пат беше разбиена докторска мрежа од матични – комисии – специјалисти, дали државата ќе изнајде начин да го заштити пензискиот систем од ваквите злоупотреби. Одлуките за инвалидски пензии се разгледуваат и од второстепени комисии, составени од лекари што ги поставува министерот за труд и социјала. Наодот се испраќа до ПИОМ, каде што се изготвува решението. Сепак, многу од луѓето што деновиве, додека е полициската акција во ек, јавно ги пишуваат маките за инвалидска пензија. И покрај болеста, докторите не им давале право, велејќи им дека може уште да работат.

– Имав инвалидитет од 95 %, поткрепени дијагнози со еден куп медицинска документација, но ме одбиваа со објаснување дека сум била способна да одам на работа – раскажува пензионерка за весникот ВЕЧЕР, која решила да ја тера работата докрај, па случајот завршил во Министерството, каде што, откако го отвориле нејзиното медицинско досие, заклучиле дека нејзините дијагнози и медицински потврди биле злоупотребени за други лица да добијат инвалидска пензија.

Има уште стотици примери на луѓе што поминале низ голгота по институциите, и покрај тешката здравствена состојба, комисиите ги прогласиле за работоспособни. Укажувањата на граѓаните завршуваа само со паушални ветувања од министрите за социјала во минатото, дека ќе го средат системот на тој начин што ќе има една тело и едни вештаци, кои ќе утврдуваат колкава е работоспособноста на барателот на пензија.

Според МВР, обезбедени се докази за криминално коруптивно дејствување на две организирани криминални групи, кои биле формирани во текот на 2023 година. Членовите на групите, прекршувајќи ги законите, ја злоупотребиле службената положба и овозможиле граѓани да добијат право на туѓа нега, како и на инвалидска пензија, иако не ги исполнувале условите за тоа. Со тоа, предизвикале штета на буџетот и на фондовите на државата. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ