Високата мода не познава граници – „Прада“ оди на Месечината

58
Фото: screenshot youtube

Во октомври минатата година, „Аксиом спејс“ (Axiom Space) и „Прада“ (Prada) се здружија заради дизајнирањето и изработката на нов вселенски костим за мисијата „Артемис 3“ на НАСА.

Се работи, инаку, за првиот екипаж кој ќе стапне на Месечината првпат по „Аполо 17“ од 1972 година. Астронаутите ќе бидат облечени во скафандер наречен „Аксиом екстравеајкјулар мобилити јунит – АксЕМУ“ (Axiom Extravehicular Mobility Unit – AxEMU). Костимот најавен уште во 2019., е претставен за време на Меѓународниот астронаутички конгрес во Милано, Италија. Новиот дизајн ја подобрува флексибилноста, заштитата и безбедноста, потребни меѓу другото и за тн. „вселенски излегувања“ вон леталото што траат до осум часа при престој на крајно ниските температури на јужниот пол на Месечината.

Заштитната облека е речиси готова – веќе се направени тестови и симулации во простории на „Аксиом спејс“ и „Спејс-Икс“ (SpaceX), како и во НАСА. Последната проверка е планирана за 2025 година, откако ќе бидат завршени останатите проценки.

Скафандерот е, вообичаено – бел, а со црвени и сиви детали и изгледа помодерно од типичниот вселенски костим.

„Тимот на Прада соработуваше со инженерите на ‘Аксиом’ за да се изнајдат препорачани прилагодени материјали и својства коишто ќе ги заштитат астронаутите од уникатните предизвици на месечевата средина и визуелно ќе ги инспирираат идните истражувања на Месечината“, соопштија компаниите.

НАСА првично ја планираше мисијата „Артемис 3“ за 2025 година, но тоа беше одложено за септември 2026 година. Вселенската агенција ја додели мисијата на „Аксиом“ уште во 2022 година.