Вишиот суд во Заечар не донесе одлука по обвинението против двајцата осомничени за убиството на Данка Илиќ од Бор и најави дека ќе продолжи со одлучување, откако Апелацискиот суд во Ниш претходно го укина решението за потврдување на обвинението и го врати на првостепениот суд да одлучува повторно.
Вишиот суд во соопштението посочи дека Апелацискиот суд при укинувањето на одлуката не одредил рок за повторно разгледување на обвинителниот акт, но и потсети дека притворот на осомничените истекува на 18 јануари.
Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ се осомничени за кривично дело тешко убиство во соизвршителство, додека Радослав Драгијевиќ, татко на Дејан е осомничен за кривичните дела помагање на сторителот по извршувањето на кривичното дело и непријавување на кривичното дело и на сторителот. За Јанковиќ и Драгијевиќ обвинителството на судот му предложи доживотен затвор.
Според обвинението, на 26 март во Бањско Поле кај Бор, тие прво го удриле со автомобил двегодишното девојче, потоа го задавиле и го фрлиле на депонија, а по два дена еден од нив го преместил телото, кое сè уште не е пронајдено. Радослав Драгијевиќ е осомничен дека му помагал на синот да го премести телото на девојчето. Братот на Дејан Драгијевиќ, Далибор Драгијевиќ, почина на 7 април лани, во просториите на полициското одделение Бор, додека беше приведен на распит.