По успешниот премиерен концерт минатата година, спектаклот под свеќи „Candlelight“ на камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, повторно ќе се одржи во Скопје, овој пат насловен „Безвременски“ (Timeless), на којшто како солист ќе настапи Петар Пејчиќ од Србија, млад и исклучително талентиран виолончелист, кој веќе со години го привлекува светското внимание со својата виртуозност, неверојатна техника, сценски изглед и харизматична изведба
По минатогодишниот успешен концерт, под светлината од илјадниците свеќи (Candlelight), на 22 март со почеток во 20 часот, во големата сала на Македонската филхармонија, камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, и годинава ќе ја поведе публиката на незаборавно музичко патување.
На концертот, насловен „Безвременски“ (Timeless), како солист ќе настапи Петар Пејчиќ од Србија. Пејчиќ е млад и исклучително талентиран виолончелист, кој веќе со години го привлекува светското внимание со својата виртуозност, музикалност, неверојатна техника, сценски изглед и харизматична изведба. Неговите успешни настапи го поставуваат на некои од најголемите светски сцени. Тој е награден на неколку престижни меѓународни натпревари, вклучувајќи го Вториот меѓународен натпревар на Кралицата Елизабета, и е дел од програмите на престижни академии и фондации. Пејчиќ изведува дела од најголемите композитори со исклучителна техника и емоционална длабочина, создавајќи неповторлива музичка атмосфера која остава траен впечаток.
На програмата на овој концертен спектакл се едни од најдобрите дела од класичниот репертоар, со истакната присутност на експресивноста и виртуозноста. Програмата на концертот ќе ги понуди волшебните звуци на Филип Глас преку „The Hours“, композиција од истоименото филмско дело. Оваа композиција на Глас ја истражува контемплативната убавина и минимализмот, создавајќи емоционално интензивна и нежна атмосфера преку динамични мелодиски трансформации. Следува Унгарската рапсодија оп. 68 од Давид Попер, композиција за виолончело и оркестар која носи вистински експлозивен карактер со драматични унгарски мотиви. На крајот, публиката ќе биде воодушевена од Рококо варијациите на П.И. Чајковски, дело кое ја спојува елеганцијата на класичниот стил со богата музичка изразеност, создавајќи беспрекорен баланс помеѓу виртуозноста и емоциите на Чајковски.
– „Среќна сум што Candlelight магијата стана традиционално концертно доживување во Скопје. Овој пат, имаме привилегија да бидеме домаќини на новата светска ѕвезда Петар Пејчиќ, кој со своето виртуозно изведување и сценска харизма ќе ја збогати магијата на оваа вечер. Програмата што ја нудиме е навистина уникатна и нема да остави никого рамнодушен затоа што ова ќе биде концерт кој ќе ги поттикне најдлабоките емоции кај присутните, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на оркестарот.
Инаку, концептот на „Candlelight“ – концерт под свеќи е светски познат тренд кој веќе традиционално го става и Скопје на светската мапа на локации каде се одржуваат овие уникатни спектакли. Музичките критичари го опишуваат како уникатно искуство каде традиционалниот концертен амбиент се трансформира во хипнотизирачка музичка симбиоза облеана во топлиот сјај на свеќите. Интимниот амбиент овозможува подлабока врска помеѓу публиката и изведувачите, создавајќи извонредно концертно искуство.
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, оркестарот постави високи стандарди за изведувачка квалитет и креативност во музичката сцена, собирајќи најистакнати македонски инструменталисти од различни генерации. Идејата на „Профундис“ е да создаде професионален камерен оркестар, кој ќе се посвети на изведба на сложени и предизвикувачки дела од класичната музика, а во својата програма вклучува и праизведби на дела од современи автори. Оркестарот активно ги поддржува македонските изведувачи и композитори, а со своите настапи ги носи светски имиња од класичната музика, кои го збогатуваат неговиот репертоар. Во својата кратка, но богата историја, оркестарот имал настапи во престижни сали и на значајни фестивали, како „Kotor Art“, „Sofia Music Weeks“, „Sorrento Music Festival“ и „Ravanelius“ во Италија, Србија, Бугарија и Црна Гора, а неговите изведби во Македонија веќе се сметаат за културни настани од национално и меѓународно значење.
Во пресрет и како најава на концертот, многубројни свеќи го осветлија Мостот на уметноста во срцето на Скопје, создавајќи магична атмосфера. Настанот, што се одржа неодамна, привлече бројни минувачи и љубители на класичната музика, кои беа сведоци на несекојдневен визуелен миг.