Бразилскиот интернационалец од редовите на актуелниот европски клупски шампион, тимот на Реал (М), Винисиус Јуниор е казнет со два натпревари суспензија, откако доби директен црвен картон на натпреварот против Валенсија минатата недела. Поради добиената казна, крилниот напаѓач нема да биде во комбинација за натпреварите во Ла Лига против екипите на Лас Палмас и Реал Ваљадолид. Од друга страна, Винисиус ќе може да игра во Суперкупот на Шпанија, кој започна во Саудиска Арабија.
Во 80. минута од натпреварот при резултат 1:0 за Валенсија, крилниот напаѓач на „кралскиот клуб“ намерно го удри голманот на Валенсија, репрезентативецот на Македонија, Столе Димитриевски и мораше да го напушти теренот по интервенцијата од ВАР собата. Винисиус подоцна се расправаше со сите околу него, соиграчите едвај го смируваа, а по натпреварот му се извини на тимот и им се заблагодари на соиграчите за добрата игра.
Според извештајот, Винисиус бил исклучен поради намерно удирање на противничкиот играч по главата, додека топката не била во игра, со примена на сила. „Откако доби директен црвен картон, соиграчите од клубот мораа да го смират споменатиот играч, додека нивните протести продолжија“, се вели во соопштението.
На крајот од натпреварот Реал (М) ги освои сите три бода со головите на Лука Модриќ и Џуд Белингем.
Челниците на Реал (М) најавија жалба со оглед на тоа што, како што тврдат, судијата не зел предвид дека на реакцијата на Винсиус и претходела провокација на голманот на Валенсија, која потоа предизвикала реакција кај Винисиус.