Србија доби уште еден претставник на Олимписките игри во Париз откако 20-годишната Адријана Вилагош го освои сребрениот медал на Европското првенство, во дисциплината фрлање копје.
Таа беше навистина фантастична и го фрли копјето на далечина од 64,42 метри, што беше доволно за да го заземе второто место. Тоа беше и нејзин личен и национален рекорд на Србија.
Златото ѝ припадна на австриската атлетичарка Викторија Хадсон, која го фрли копјето на далечина од 64,62 метри, додека Норвежанката Мари-Терезе Обст ја освои бронзата.
Инаку, српските медиуми пишуваат за моментот кога го фрлаше Вилагош копјето за сребро. Така, српски „Курир“ излезе со наслов „Незаборавен скандал“ и сето тоа поради постапките на режисерот на преносот. Имено, во моментите кога се подготвуваше Вилагош за историскиот кадар, режисерот реши да го префрли фокусот на машката трка и со тоа ги разочара гледачите во Србија.
Фрлањето со кое ги освои Вилагош среброто и настапот на Олимписките игри беше прикажано со 20 минути доцнење, поради што Србите ги критикуваа режисерите.
Покрај Вилагош, Србија на Олимписките игри ќе ја претставуваат и Ивана Шпановиќ, Милица Гардашевиќ и Анџелина Топиќ.
Вилагош има само 20 години, многумина во Србија ја гледаат како нова, голема надеж и идна ѕвезда на српскиот спорт, особено по импресивниот резултат во Рим. Со освојувањето на среброто во Рим, апетитите на Србите пораснаа и се надеваат дека Вилагош би можела да го стори тоа и во Париз, на Игрите закажани за 26 јули до 11 август.
Србите имаат големи надежи дека кошаркарите ќе освојат медал во француската престолнина, особено по потврдата од најдобриот кошаркар на денешницата, Никола Јокиќ.