Викендов во земјава се отвора ловната сезона на крупен дивеч за периодот 2024-2025 година. Во општина Кичево има три ловечки друштва и тоа најголемото и најстаро ловечко друштво „Елен“ и нешто помладите „Еко-Фазан“ од Осломеј и „Сокол“ од село Зајас.
Претседателот на ловечкото друштво „Елен“, Коце Наумовски, истакна дека по низа години континуиран пораст на бројот на ловџии во Кичевско, годинава за првпат нивниот број е нешто помал. Според него, причини за овој пад се заминувањето на младите на печалба во странство и помалиот интерес за ловство поради болеста кај свињите африканска чума, која за жал и претходната сезона била регистрирана кај неколку уловени диви свињи и кога беа уловени над 400 примероци диви свињи.
Наумовски вели дека за оваа ловна сезона во ловечкото друштво „Елен“ аплицирале 350 ловџии кои ја подмириле таксата од 6.000 денари до 31 август.
– Оние ловџии кои ненавремено ја платиле таксата можат дополнително да се пријават, а за нив таксата ќе изнесува дополнителни 1.000 денари или 7.000 денари, а сите заинтересирани кои имаат желба еднократно да ловат треба да платат 600 денари за дневна дозвола. За жал, годинава во најголемото ловечко друштво „Елен“ имаме нешто помал број на пријавени ловџии или вкупно 350 наши сограѓани изразиле желба и годинава да продолжат со лов за разлика од претходните години кога имавме над 400 ловџии во нашето друштво – потенцираше Наумоски.
Тој наведе дека во другите две друштва членуваат околу 250 ловџии од кои 150 во ловечкото друштво „Еко-Фазан“ и нешто над 100 во ловечкото друштво „Сокол“.
Инаку, бројноста на дивите свињи во Кичевско е во пораст, а во селата Лисичани и Речани направија штети врз земјоделските култури.