Викарните епископи секогаш се најблиску до митрополитските тронови

ДОДЕКА СЕ ЧЕКА ИЗБОРОТ НА НАСЛЕДНИКОТ НА ВЛАДИКАТА ТИМОТЕЈ

121
Најмногу – нив тројца – викарни епископи добиле свои епархии и станале митрополити откако му биле помошници на архиепископот Стефан. Експертите укажуваат дека за изборот на нови митрополити секогаш е клучен односот на силите во Синодот, но и влијание на политички и бизнис-структури.

 

Новите владици во некоја епархија на МПЦ-ОА најчесто се избираат од редот на викарните епископи, но до митрополитски трон најчесто доаѓаат оние кои се најблиску до архиепископот Стефан. Во пракса се и случаите некој викарен епископ да дојде до епархискиот трон со поддршката на владиката, чиј помошник бил, и на влијанието кое тој го има во рамките на Синодот. Вакво искуство покажува досегашната пракса при изборот на новите владици во рамките на македонската црква, а кое сега се актуализира околу изборот на наследникот на починатиот владика Тимотеј. Според неофицијалните сознанија, по верскиот празник Богојавление, Синодот би можел да ја отвори постапката за избор на нов владика во Дебарско-кичевската и Австралиско-сиднејската епархија со која раководеше митрополитот Тимотеј. Весникот ВЕЧЕР веќе објави дека започнале и комбинаториките околу можниот наследник при што се спомнуваат имињата на привременото раководење со нив од страна на архиепископот г.г. Стефан, па сè до трајни решенија во ликот на архимандритот Нектариј, викарниот епископ Партениј, на владиката Наум или на некој друг актуелен владика…

Атмосферата околу изборот на наследникот, извесно, ќе се вжештува во претстојниот период, а што сведочи и појавата на иницијативи за собирање на потписи за поддршка на одредени достоинственици и соопштенија од епархиите. Врзано со правењето на петициите од монашкото братство на Бигорскиот манастир, деновиве, испратија апел да се запре иницијатива со петицијата за поддршка на викарниот епископ атаниски Партениј, бидејќи тоа не е неопходно.

-Нашата света помесна МПЦ-ОА, предводена од нашиот секогаш почитуван блаженејши архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан и од Светиот Синод, ја има од Бога доверената одговорност да го избере новиот митрополит на оваа историска и благословена епархија – се наведува во обраќањето.

Ова значи дека изборот на новиот владика, или на двајца, останува во рамките на Синодот во чии раце е конечно донесување на одлуката. А досегашната пракса покажува дека довербата најчесто ја добивале оние кои претходно веќе биле избрани како викарни епископи, односно, како помошници на одредени владици. Најмногу – нив тројца – викарни епископи добиле свои епархии и станале митрополити откако му биле помошници на архиепископот Стефан. Така, владиката Агатангел прво во 1998 година бил избран за викарен епископ велички на Скопската епархија и на архиепископот Стефан, за да само по две години го добие тронот во Брегалничката епархија во Штип. По ова, викарен епископ велички и помошник на г.г. Стефан во 2005 станува Методиј, за да веќе следната година стане митрополит на Американско-канадската епархија со која претходно администрирал архиепископот. Во 2012 година поглаварот на МПЦ добива нов викарен епископ велички Јосиф кој, исто така, по само една година добива доверба да како митрополит ја води Тетовско-гостиварската епархија.

Архиепископот Стефан имаше важна улога и при унапредувањето на сега актуелниот владика брегалнички Иларион. Тој во 1998 година го постави за игумен на Лесновскиот манастир, а во 2003 година и за архимандрит за да по три години стане и брегалнички митрополит.

Интересно било и случувањето во Кумановско-осоговската епархија. Таму, сега пензионираниот владика Јосиф во 2012 година беше избран за викар на тогашниот митрополит Кирил, за да потоа по само една година станува и нејзин митрополит, а по седум години се повлече под тронот. Во меѓувреме, владиката Јосиф, како да си го определил наследникот бидејќи во 2015 година сегашниот владика Григориј му станал архиерејски заменик и игумен на најголемиот манастир „Свети Јоаким Осоговски“. Во 2020 година Григориј е избран и за владика.

Патот на митрополитот Пимен до тронот на Европската епархија водеше преку неговиот избор за епископ пољански во 2005 година, односно за викарен епископ на струмичкиот владика Наум. И овој викерен епископ многу брзо, само по една година, доби доверба да ја води Европската епархија.

Во редовите на МПЦ-ОА сега има тројца викарни епископи кои можат да влезат во комбинациите за избор: епископот атаниски Партениј, епископ хераклејски Климент, епископ Стобиски Јаков и епископ Дремвитски Давид.

Цане Мојановски, поранешен директор на Комисијата за односи со верски заедници за весникот ВЕЧЕР, објаснува дека во праксата на МПЦ-ОА за нов митрополит може да биде избрано и лице кое има понизок чин, архимандрит.

-Тоа значи дека нема обврска некој да мора да биде викарен епископ за да стане митрополит. А сите кандидати се личности со различни особини, карактеристики и способности. Тоа значи дека Синодот и неговиот состав на владици го имаат крајниот збор. Но сите избори на нови владици покажуваат дека тие се резултат на односот на силите во Синодот но и на влијанието на одредени структури надвор од него – политички, бизнис и слични. Клучен е сепак Синодот – смета овој аналитичар. (Б.Ѓ.)