Спортскиот директор на Алба од Берлин, Химар Охеда, се огласи откако неговата изјава за статусот на клубот во Евролигата крена голема прашина.
Веќе со денови тема е како ќе изгледа евролигашкото натпреварување следната сезона, кои ќе бидат учесниците и дали ќе има некакво проширување на лигата, а шефот на берлинскиот тим го коментираше и статусот на својот тим.
- Во моментов, нема конкретна одлука од Евролигата. Мислам дека ова е наша петта или шеста година во Евролигата. И ако не се лажам, три години завршувавме над Панатинаикос во поредокот и не слушнав коментари или написи: „Панатинаикос треба да биде поконкурентен. Тој треба да биде надвор од лигата“. Немаше ништо од тоа и мислам дека не е фер бидејќи луѓето знаат со какво оружје се бориме – рече Охеда во поткастот „Dyn Timeout“, а пренесува „Баскет њуз“.
Зборовите на Охеда се вистинити, Алба навистина ја заврши сезоната подобро од ПАО во три последователни сезони во Евролигата: од 2020-2021 до 2022-2023.
Само по еден ден откако литвански „Баскет њуз“ ја објави неговата изјава, се огласи и самиот Охеда, кој изјави дека не е тоа поентата.
- Всушност, не ве потсетив, само истакнав (во германскиот поткаст) дека позицијата на табелата не треба да биде фактор за оценување на организацијата, бидејќи насекаде има подеми и падови во бизнисот, а ПАО е пример бидејќи е актуелен шампион. Но, вие ги добивте вашите кликови, а јас омраза – напиша Охеда.