Вевчанскиот карневал, традиционално, ќе се одржи за празникот Василица, од 12 до 14 јануари. Посетителите на овој настан со илјадагодишно постоење, покрај традиционалните маски ќе ги видат и новите креации што го отсликуваат општествениот живот во изминатите 12 месеци, а како и секоја година предвидена е разновидна музичка програма.
Карневалот започнува в недела попладне (12 јануари), кога ќе настапат „Пајак“, „Ареа“ и „Забрањено пушење“. Парадата на маските ќе се одржи во текот на денот, на 13 јануари, а вечерта настапуваат „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам. Карневалот ќе заврши на 14 јануари со традиционалното василичарско оро и палење на маските.
Годинашното издание на карневалот го најавија градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
– Вевчанскиот карневал е слика и прилика на тоа што се случувало во општествено-политичкиот живот претходната година, претставено на специфичен начин – рече градоначалникот Кочовски на прес-конференцијата која неодамна се одржа во Скопје, посочувајќи дека очекува голема посетеност на карневалот.
Министерот Љутков, пак, го истакна значењето на карневалот, кој е културна и туристичка атракција од големо значење за Вевчани и за вевчанци, но и за цела Македонија.
– Вевчанскиот карневал, со своето илјадагодишно постоење, е повеќе од традиција – тој е еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство, кој, и покрај предизвиците и недостигот на континуирана поддршка во изминатите години, опстојува како симбол на нашите култура и традиција. Вевчанскиот карневал е потврда за посветеноста и за љубовта на вевчанци кон своето наследство, кои со своите упорност и страст го задржаа духот на карневалот жив и ја потврдија неговата важност. Креативните маски, изработени со големо мајсторство, се повеќе од уметнички дела. Тие се огледало на времето – носат пораки, раскажуваат приказни и на уникатен начин го поврзуваат минатото со сегашноста – рече Љутков.
Љутков ги истакна и туристичката атрактивност и можностите за развој на културата и на туризмот на Вевчани.
– Вевчани е и вистинска туристичка атракција. Лоцирано на падините на планината Јабланица, со недопрена природа како Вевчанските Извори, богата историја, традиционална архитектура, специјалитети од локалната кујна, традиција и фолклор, е основа Министерството за култура и туризам во иднина да посвети особено внимание за промоција и за поддршка на културниот туризам на целиот овој регион, вклучувајќи ги и Охрид, Струга и Дебарца. (Н.И.Т.)
*Фотографијата е од претходни изданија на карневалот (П.Стојановски)