Задолжителни елементи на карневалот се зетот и невестата, кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото, и двајцата глупави Августи, кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Свети Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот јулијански календар
Традиционалното дефиле под маски на Вевчанскиот карневал 2025 започна денеска, кога двете василичарски друштва „Горна маала“ и „Долна маала“ тргнаа од влезот на селото Вевчани, предводени со зурли и со тапани, зетот, невестата, двата ѓавола, Глупавите Августи.
Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди што упатуваат дека постои барем 2.200 години.
Задолжителни елементи на карневалот се зетот и невестата, кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото, и двајцата Глупави Августи, кои ги штитат од злото.
Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Свети Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот јулијански календар.
По традиционалните маски на дефилето, следуваа и другите инспирирани од политичките и од општествените настани што се случија изминатава година. Инспирација за изработка на маските има многу, а се црпи од актуелните случувања. Вевчанци, под маски, на сатиричен начин кажуваат сè, но до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат. Секое карневалско издание, и за вевчанци и за посетителите, е неповторливо доживување. Ново, иновативно, интересно.
И годинава, чувајќи и негувајќи ја речиси 15-вековната традиција, Вевчани живее карневал со свои карактеристики: хумор, забава со многу музика, дружење, но под снег.
Снежната атмосфера му даде дополнителни зимска убавина и идиличност на карневалот, а, покрај временските услови, Општината Вевчани подготвено (со исчистени патишта и улици) ги пречека гостите што дојдоа на настанот.
Во музичкиот дел синоќа настапија: „Пајак“, „Ареа“, „Забрањено пушење“, а вечерва се „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, Перо Бели и Коки Биоритам.
Манифестацијата завршува со традиционалното Василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.
Со своето илјадагодишно постоење, Вевчанскиот карневал е повеќе од традиција – тој е еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство.