Во 2027 година, почнува производството на електрична енергија од новите турбини во паркот на ветерни електрани Богданци. Станува збор за реализација на втората фаза од овој проект, кој го користи ветрот како погонска сила. Во втората фаза е предвидена изградба на четири ветерни турбини, секоја од 3,4 MW, со што инсталираната моќност ќе биде зголемена за 13,6 MW, а вкупната инсталирана моќност ќе се зголеми на околу 50 MW, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37.000 MWh зелена енергија.
За реализација на проектот, обезбедена е вкупна финансиска рамка од 37,6 милиони евра. Заемот од КФВ Банката е во вкупен износ 25,7 милиони евра, околу 8,9 милиони евра се грант обезбеден преку инструментот инвестициска рамка за Западен Балкан, додека три милиони евра се сопствени средства на АД ЕСМ.
Ветерниците од првата фаза во ПВЕ Богданци што се сопственост на АД ЕСМ, беа пуштени во употреба во 2014 година. Паркот, со своите 16 турбини, има инсталирана моќност од 36,8 MW и годишно произведува околу 100 GWh природно одржлива енергија, што е доволно за снабдување на околу 60.000 граѓани и придонесува за намалување на емисиите на ЦО2. Реализацијата на втората фаза од ПВЕ Богданци ќе го збогати портфолиото за обновливи извори на АД ЕСМ, ќе придонесе за дополнителна стабилност на енергетскиот систем и ќе влијае на намалувањето на зависноста од увоз на електрична енергија.