Најмалку еден правен експерт од редовите на Венецијанската комисија ќе биде поканет на подготвителната седница на Уставен суд посветена на Законот за употреба на јазиците, дознава весникот ВЕЧЕР од изворите во Судот. Оттаму потврдуваат дека намерата е изворно да се слушнат забелешките кои ова Комисија веќе ги дала во однос на ова законско решение.
-Поканата ќе биде упатена до најмалку еден експерт за да го изнесе видувањето на Комисијата која имаше повеќе забелешки, дознаваме од судските извори.
Уставните судии вчера го одложија одлучувањето по 12. поднесени иницијативи со кое се оспорува овој Закон. Судиите решија в година да се одржи подготвителна седница на која ќе се слушнат експертски и други мислења во однос на спорните одредби.
Венецијанската комисија, која е независно експертско тело, уште во 2019 година даде повеќе забелешки во однос на усвоените законски решенија. Според Комисијата, Законот за јазици оди премногу далеку наметнувајќи нереални обврски на институциите, особено што се предвидува употребата на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена.
-Под сегашни околности, доколку се применува целосно законот, тој значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе во опасност сериозно нарушување на правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права, се вели во заклучокот.
Забелешки се дадени и во однос на другите законски решенија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера оцени дека одлуката на Уставен суд да ја одложи расправата за Законот за употреба на јазиците и на конечната одлука да и претходи подготвителна седница е очекувана и правилна. Таа додаде дека ваквата оценка ја дава како правник, а не како шеф на државата. Бојкотот на седницата од двајцата уставни судии од албанска националност, според неа, е несфатлив потег, бидејќи нивна обврска било да носат решенија и одлуки, без разлика дали ќе гласаат „за“ или „против“.
-Во Уставниот суд треба да има повеќе јавни расправи. Едно време речиси беа суспендирани јавните расправи. Тоа е онаа фаза кога ќе се поканат претставниците на иницијаторите, на институциите, како и претставниците на оние кои не се согласуваат со иницијативата. Да има таква расправа, да се соочат аргументите „за“ и „против“ и да се остави Судот да расправа врз основа на расправата, а не нему да му се кажува како да работи, рече Сиљановска-Давкова.
Од друга страна, опозициската ДУИ вчера побара итна оставка од претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, обвинувајќи дека имал скандалозна и целосно неприфатлива изјава по завчерашната прес-конференција поврзана со Законот за употреба на јазиците. Од друга страна, од коалицијата Вреди соопштија дека „интегративците“ најпрвин треба да побараат оставка од своите членови. Башким Асани рече дека чесните членови на ДУИ мора да станат да постават шатори во Мала Речица и да бараат ослободување на партијата од сенки и корумпирани кукли. (Б.Ѓ.)