ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР НА ПОКЛОНИЧКО ПАТУВАЊЕ НА КРФ: Моштите на свети Спиридон се како живо човечко тело, и по 1.600 години им растат нокти и коса

161

Минатиот месец, додека тонеше Скопје во смог, убава беше можноста за посета на Крф, но, пред сè, за поклонување пред чудотворните мошти на големиот светител свети Спиридон, кои и денес Го прославуваат Бога со многубројните чуда. Со попатни застанувања, патувањето трае околу 12 часа. Одењето и враќањето следниот ден, можеби, им изгледа пренапорно на некои, но чувството на исполнетост и среќа што ќе ги доживеете поради тоа што се поклонувате пред чудотворец и еден од најсаканите светители во православниот свет, кој им помага на луѓето повеќе од 1.600 години, молејќи се за себе и за своите најблиски, вреди за секој поминат километар.

ЗА ЦРКВАТА „СВЕТИ СПИРИДОН“

Црквата е најважната византиска градба на островот. Станува збор за еднокорабна базилика со ѕвоно во облик на кула, кое е највисоко на островите во Јонското Море и е видливо од речиси секоја точка на стариот град. Изградена е во 1589 година. Во неа се наоѓаат моштите на свети Спиридон и се наоѓа во стариот град на Крф. Камбанаријата на црквата е слична на современата грчка православна црква „Сан Џорџо деи Гречи“, која се наоѓа во Венеција. Внатрешноста десно од иконостасот, се наоѓаат посмртните останки на светителот, кои се чуваат во двоен ковчег. Поголемиот го содржи помалиот во внатрешноста. Помалиот е обложен со црвено кадифе и има отстранливо дно за да се олесни менувањето на папучите на светецот. Кај кивотот, има 53 кандила, кои висат од таванот и од кои 18 се златни, а другите се од сребро. Иако надворешноста на црквата е прилично скромна, внатрешноста маѓепсува. Предниот дел на мермерниот иконостас наликува на надворешната на влезот во црква во барокен стил. Најимпресивен дел од црквата е плафонот, кој е поделен на 17 сегменти со златни рамки, кои вклучуваат слики што прикажуваат сцени од Библијата и од животот и чудата на свети Спиридон.

На западната страна од нартексот стои царскиот грб на Романови, како потсетник дека црквата била под номинална заштита на Русија од 1809 до 1917 година.

Венецијанскиот сенат подарил украсена сребрена светилка во спомен на чудата на светецот. Натписот на светилката гласи вака: „За спасение на Крф, на светецот заштитник свети Спиридон, Сенатот на Венеција, 1716 година од н.е.”.

Моштите на свети Спиридон имаат постојана температура 36,6 степени. Не само што се нетрулежни со текот на вековите туку и ги зачувале и еластичноста и мекоста својствени на обичното, живо човечко тело. Нему му растат нокти и коса. Облеката му се менува на половина година, ветва е, како да оди. Чуварот на кивотот вели дека понекогаш не може да ја отклучи бравата на кивотот и тогаш се смета дека светителот не е таму и дека оди по островот. Феноменот на моштите на свети Спиридон го испитувале биофизичари и биохемичари, кои немаат никакво објаснување, освен дека тоа е чудо Божјо во кое може да се увери секој посетител на Крф. Свети Спиридон не е само историска личност туку и симбол на верата, надежта и на заштитата и продолжува да инспирира и да ги привлекува верниците и посетителите на Крф.

 

ЗА МОШТИТЕ НА СВЕТИ СПИРИДОН

Моштите на свети Спиридон имаат постојана температура 36,6 степени. Не само што се нетрулежни со текот на вековите туку и ги зачувале и еластичноста и мекоста својствени на обичното, живо човечко тело. Нему му растат нокти и коса. Облеката му се менува на половина година, ветва е, како да оди. Чуварот на кивотот вели дека понекогаш не може да ја отклучи бравата на кивотот и тогаш се смета дека светителот не е таму и дека оди по островот. Феноменот на моштите на свети Спиридон го испитувале биофизичари и биохемичари, кои немаат никакво објаснување, освен дека тоа е чудо Божјо во кое може да се увери секој посетител на Крф. Чуварот го отвора кивотот само за православните поклоници, додека на римокатолиците им е дозволено само да го целиваат. Кивотот со моштите на светителот во храмот е исполнет со златни и со сребрени предмети, кои се, всушност, дарови од оние на кои им помогнал светителот.

ЗА ПОЧИТТА КОН СВЕТИ СПИРИДОН

Свети Спиридон има посебно место во срцата на луѓето на Крф. Жителите му оддаваат почит во знак на сеќавање за неговата помош, изведувајќи литии, процесии во стариот град Крф (Керкира на грчки) со филхармониски оркестри, неколку пати годишно. Така, од 11 до 13 декември, три дена, моштите се изложени и отворени за да може да му се поклонат, а градскиот оркестар минува по улиците. Тоа е единствениот државен празник што се слави само на Крф, а не и во остатокот на Грција.

Свети Спиридон не е само историска личност туку и симбол на верата, надежта и на заштитата и продолжува да инспирира и да ги привлекува верниците и посетителите на Крф.

ЗА ЧУДАТА И ЗА ПРЕДАНИЈАТА ЗА СВЕТИ СПИРИДОН

За скромноста, Господ му помагал во неговите добри дела, наградувајќи го со голем дар. Му дал моќ да исцелува болни и да прави невозможни чуда за луѓето. Со Божјата сила, направил големи чуда: во време на суша, неговата молитва кон Бога донела дожд, земјата се исполнила со богатство и со изобилие и народот се спасил од глад. Просветлен од Светиот Дух, гледал во тајните на човечките срца, тајни помисли и прегрешенија. Воскреснал мајка и дете кои биле мртви, покажувајќи ја Божјата сила преку својата молитва. Го запрел текот на река, го исцелил царот Констанс од тешка болест. Додека служел литургија, ги видел и ги слушнал ангелите Божји, многумина обратил во вистинската вера… Се зборува дека претворил змија во злато, кое го дал на сиромашен селанец да врати долг. Кога патувал на Вселенскиот собор, морал да ја помине ноќта во гостилница покрај патот. Еретиците, ноќе, тајно им ги отсекле главите на неговите два коња. Во зората, слугата видел каква злоба подготвиле тие за светителот и го известил за тоа. И тој, верувајќи во Господа, му наредил на слугата да ги закачи отсечените глави на труповите на коњите. Слугата постапил според наредбата, но набрзина ја ставил главата на белиот коњ до телото на црниот, а главата на црниот до телото на белиот коњ и во тој момент коњите оживеале и застанале на нозе. И свети Спиридон го продолжил своето патување со коњите и сите луѓе што го сретнале на патот им се восхитувале на белоглавиот црн и на црноглавиот бел коњ. Така еретиците биле посрамени. На Првиот вселенски собор, кога го прашале како може Светата Троица во исто време да биде Еден, место одговор, во рацете зел една тула и ја стиснал. Од горниот дел на тулата се појавил пламен, од долниот дел потекла вода, а меѓу прстите таа омекнала. „Како што е оваа тула земја, оган и вода, така и Единиот Бог има три лица“, рекол светителот. Рускиот писател Н.В. Гогољ му раскажал на својот духовник за чудо на свети Спиридон кое се случило пред негови очи и кое го потресло до дното на душата. Дента кога дошол на поклонение на светителот, со голема торжественост се правел опход со моштите околу градот. Меѓу народот се наоѓал и еден англиски патник, кој кажал дека сигурно на грбот на светиот угодник Божји се направени резови и дека е телото внимателно балсамирано. Потоа сосема се приближил до моштите, а светителот, пред очите на сите, полека се издигнал од кивотот и го свртел грбот токму кон него, велејќи му: „Ајде, пријателе , побарај ги резовите“. Исто така, свети Спиридон во неколку наврати го спасил Крф од големи катастрофи. Првиот пат, го заштитил островот од глад, а потоа, кога биле гробниците преполни, од чума. Верниот народ секој ден одел во храмот, молејќи го да го избави од злото. И чудото не задоцнило, па на Цветници веќе немало болни. При нападот на Османлиите во 1716 година, неговата чудесна интервенција предизвикала повлекување на непријателот. Имено, кога се приближила турската флота до островот, турските морнари здогледале на небото огромна појава на старец и, во страв, не слегле на брегот. Благодарение на овие верувања, светителот се смета за заштитник на островот. Се тврди дека бил слеп на едното око, затоа што еден чевлар го убол со шилото додека работел на неговиот ден. Светецот не се налутил, туку само одел пред него и заплакал, а потоа го благословил. Според народното верување, тој ги направил земјениот лонец, вреќата и кошулата. Затоа го слават грнчарите и ткајачите. Исто така, тој е заштитник на чевларите, кожарите, бојаџиите и на други занаетчии. Се смета дека помага за финансиите во домот и за наоѓање работа. Се сеќавам дека на едно од моите поклоничи патувања, една млада жена раскажуваше за тоа дека видела икона со ликот на свети Спиридон кај својата свекрва, која ѝ кажала дека помага за работа. Се молела пред иконата и потоа се вработила. Кога го отворила црковниот календар за да види на кој ден почнала со работа, видела дека е денот на свети Спиридон (25 декември, според стариот календар – 12 декември). Многу видувања, приказни и легенди го следат свети Спиридон, вклучувајќи ја и неговата физичка појава на места на кои има неволја. Многу верници тврдат дека го виделе како се шета по улиците на градот, навечер, скромно облечен, носејќи ги своите папучи. Затоа, секоја година, една жена изработува нов пар папучи за светителот, кои потоа се кршат и им се делат на верниците како талисман.

ОД ЖИТИЕТО НА СВЕТИ СПИРИДОН

Овој Христов војник е роден во селото Аскија на Кипар, во четвртиот век, во времето на царот Константин Велики и на неговиот син Констанс. Потекнувал од многудетно сиромашно земјоделско семејство. Се оженил во младоста и имал деца. Од пастир станал мирски свештеник. По смртта на својата жена, тој и неговата ќерка, Ирина, ѝ се предале на службата на Бога. Се истакнувал со своите едноставност, скромност, простодушност, кроткост, незлобливост, со тоа што бил смирен по срце, благ по карактер и со тоа што ѝ бил посветен на верата, одлики што го краселе до крајот на животот. Постапувал по Божјите заповеди, им служел на другите: ги хранел бедните и сиромашните, на кои им го разделил имотот што го имал, примал туѓинци во својата куќа. Поради својот благочестив живот, чистотата и добрината, бил избран за епископ во Тримитунт, мало, но богато гратче. Активно учествувал во неговиот живот и го помагал неговиот развој. И како епископ, тој не го сменил својот едноставен начин на живеење и самиот се грижел за својата стока и за обработката на земјата. Многу малку од стекнатото користел за себе, поголемиот дел им го раздавал на сиромашните селани. Скромен, не обрнувал внимание на својот надворешен изглед. Еднаш, бил поканет од царот и сакајќи да влезе во царскиот дворец, му била удрена шлаканица од војникот, кој мислел дека е просјак бидејќи бил скромно облечен. Според историските извори, во 325 година учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја, каде што, заедно со својот пријател – светиот Николај Мириклиски Чудотворец, ја бранел православната вера од аријанските еретици. Таму се истакнал со јасното и едноставно исповедање на верата, како и со чудесните моќи со кои преобратил многу еретици во христијани. Се упокоил во длабока старост, во 348 година, но неговата смрт не значела и крај на неговото дејствување, напротив, верниците веруваат дека продолжува да им помага на луѓето и по смртта.

Во седмиот век, кога бил нападнат Кипар од Арапите, биле откриени неговите мошти неоштетени и со мирис на босилек, што било прв знак за неговите чудотворни моќи. По нападот врз Кипар, моштите на свети Спиридон биле пренесени во Константинопол, каде што потоа, со векови, биле чувани во црквата „Свети апостоли“. По падот на Византиската Империја, грчкиот монах Георгиос Калохаиритис, кој бил богат човек, успеал да избега од градот, носејќи ги со себе и моштите на свети Спиридон и на света Теодора во вреќи, на магаре. Го минал Егејското Море и стигнал на Крф, каде што го пречекале мештаните со големо почитување. Моштите на света Теодора биле предадени во црквата, додека моштите на свети Спиридон биле чувани како сопственост на неговото семејство. Подоцна, кога неговата ќерка Асимија се омажила за еден од потомците на семејството Вулгари на Крф, ѝ биле дадени посмртните останки на светителот како дел од миразот. Потоа моштите на свети Спиридон биле сместени во приватна црква на семејството Вулгари. Таа црква се наоѓала во предградието Сан Роко на градот Крф, но морала да биде урната кога ги изградиле Венецијанците надворешните градски бедеми по првата голема опсада на Крф од Османлиите во 1537 година. По уривањето на приватната црква, посмртните останки на светителот биле преместени на нивната сегашна локација. Имено, во 1589 година семејството изградило црква во која се чуваат моштите и денес, во раскошен сребрен ковчег украсен со емајл, направен во Виена, во 1867 година.

Жаклина Здравеска

 

ИЗДВОЕНИ