Вештачката интелигенција може да го уништи човештвото за 30 години, бидејќи темпото на промени во технологијата е многу побрзо од очекуваното, предупреди британско-канадскиот нобеловец Џефри Хинтон, кој често го нарекуваат „кум на вештачката интелигенција“.
Професорот Хинтон, кој годинава ја доби Нобеловата награда за физика за неговата работа на полето на вештачката интелигенција, рече дека има 10 до 20 отсто шанси вештачката интелигенција да доведе до исчезнување на човечкиот вид за три децении, пишува лондонски Гардијан.
Хинтон претходно изјави дека има 10 отсто шанси технологијата да доведе до катастрофален исход за човештвото.
Запрашан на Би-Би-Си Радио 4 дали ја сменил својата анализа за потенцијална апокалипса поради вештачката интелигенција на 10 проценти шанси тоа да се случи, Хинтон рече: „Не баш, од 10 до 20 проценти“.
Тој наведе дека луѓето „никогаш порано не морале да се справуваат со работи поинтелигентни од себе“.
„Колку примери знаете за поинтелигентна работа која е контролирана од помалку интелигентна работа? Има многу малку примери. „Еволуцијата направи многу за да му овозможи на бебето да ја контролира мајката, но тоа е единствениот пример за кој знам“, рече Хинтон.
Хинтон, почесен професор на Универзитетот во Торонто, Канада, кој е роден во Лондон, рече дека луѓето би биле како мали деца во споредба со интелигенцијата на многу моќните системи за вештачка интелигенција.
„Сакам да размислувам за тоа вака: замислете се себеси и тригодишно дете. Ќе бидеме тригодишни деца“, опиша Хинтон.
Тој се најде на насловните страници минатата година кога ја напушти работата во Google за поотворено да зборува за ризиците од неограничениот развој на вештачката интелигенција. Во тоа време, тој изрази загриженост дека „лошите актери“ ќе ја користат технологијата за да им наштетат на другите.
Најголемата грижа на активистите за безбедна вештачка интелигенција е дека создавањето на вештачка општа интелигенција, или системи кои се попаметни од луѓето, би можеле да ја направат технологијата егзистенцијална закана надвор од човечката контрола.