EPA-EFE/TOM WHITE

Старо-новиот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, за време на прославата на титулата изјави дека многу побрзо и полесно би ја освоил шампионската титула во болидот на Мекларен, отколку во оној што го вози, на Ред Бул.

Титулата ја обезбеди две трки пред крајот, по Големата награда на Лас Вегас, и покрај сè побрзите конкуренти – Мекларен и Ферари, кои ја ставија во прашање превласта на Ред Бул.

  • Многу сум горд. Во 70 проценти од сезоната го немавме најбрзиот болид, па дури успеавме да ја зголемиме предноста пред нашите ривали, изјави Макс за „Скај Спортс“.

Во подоцнежното обраќање до „Телеграф“, тој продолжи со своите впечатоци.

  • Ваквите работи само повеќе ме мотивираат. Луѓето постојано ги предизвикуваат моите достигнувања и постојано слушам приказни дека можам да победам само во најбрзиот болид, но јас само го докажав спротивното. Ако сега не ми дадат признание за тоа, не знам кога ќе ми дадат. Дали би ја освоил титулата со Мекларен? Апсолутно, и многу порано, вели Верстапен.

Инаку, оваа негова изјава доаѓа откако Ландо Норис, неговиот најголем конкурент оваа сезона кога е во прашање борбата за титула, пред неколку дена изјави дека ниту Верстапен не би ја освоил титулата во Мекларен, алудирајќи на моќта на болидот на Ред Бул.

Што се однесува до Верстапен, тој запиша осум победи оваа сезона, односно пет повеќе од вицешампионот Норис. Сепак, тој забележа само една од тие осум победи на последните 12 трки.