Остана само уште една трка сезонава во Формула 1, Макс Верстапен ја одбрани титулата, а непознато е само кој ќе дојде до трофејот во генералниот пласман на конструктори, каде што води тимот на Мекларен, зад кој се Ферари и Ред бул.
И додека сите чекаат кога ќе се спушти завесата во најбрзиот циркус на денешницата, шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер, го најави возачкиот тандем за следната сезона, од кој многумина се изненадени.
По неколку недели шпекулации, од Ред бул открија дека, најверојатно, тимски колега на Макс Верстапен во наредната година ќе му биде Исак Хаџар, непознато име во Ф1-круговите.
- Имаме голем фонд таленти во нашиот јуниорски тим – истакна Хорнер во едно интервју.
Факт е дека Серхио Перез си заминува од тимот по крајно неуспешната сезона и слабата форма во која се наоѓа неколку години. Како што стојат работите сега, барем според мексиканските медиуми, Перез, најверојатно, ќе објави пензионирање.
Сезонава, освои само 152 бода, додека неговиот тимски колега запиша дури 429, речиси трипати повеќе и тоа е навистина тежок пораз, пораз што не се купува со пари.
Токму поради тоа, Ред бул рејсинг сега ќе се сврти кон своите млади возачи, а прв кандидат е Исак Хаџар. Станува збор за возач од француската школа, кој годинава е во тесна борба за шампион во Формула 2. Моментално е втор во шампионатот, со само половина бод помалку од Бортолето, а, веројатно, и титулата во Формула 2 би му донела место во Формула 1.