Четирикратниот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, е крајно фрустриран од моменталната ситуација во спортот во кој доминира, што беше особено видливо по Големата награда на Саудиска Арабија. Тој возеше одлично во Џеда, на крајот мина низ целта на второто место, зад Оскар Пјастри (Мекларен), а, можеби, можеше да победи доколку немаше казна на почетокот од трката.

Веќе на првиот свијок, изби пред Пјастри и поради тоа беше казнет со пет секунди, бидејќи стјуардите оценија дека ја напуштил патеката и се здобил со неправедна предност. Верстапен беше бесен поради тоа и кажа секакви работи и токму кога помисливме дека се смири затоа што постигна добар резултат – започна шоуто. Една од причините е што победи Пјастри со помалку од три секунди. Тоа значи дека ќе победеше Холанѓанецот да немаше казна.

Затоа беше многу незгоден во интервјуата, дури и го пецна Дејвид Култхард во разговорот по трката, а сега се појави снимка на која се гледа како е во жестока расправија со Мохамед бин Сулејем, шеикот и прв човек на ФИА.

Веднаш штом ја симна кацигата, му пријде Мохамед бин Сулејем и беше јасно дека

воопшто не е пријатен разговорот. Па така, веќе се шпекулира дека нивниот конфликт може целосно да ја промени Формула 1. Дали на подобро или на полошо, секако е прашање, бидејќи возачите имаат своја идеја за овој спорт, а челниците, изгледа, друга.

Инаку, ова не е првпат Макс Верстапен да биде во конфликт со ФИА и со Мохамед бин Сулејем. Особено е загрижен што, покрај тоа што не функционираат правилата во негова корист, се обидуваат и да го цензурираат.

  • Не може да го кажете своето мислење затоа што, очигледно, тоа не му одговара некому. Или, можеби, луѓето едноставно не може да се справат со вистината. Искрено, подобро е да не се зборува премногу. Искрено, тоа е онака како што го гледаме сега насекаде. Сите се пречувствителни на сè, исто и јас – истакна Верстапен.

Тој не се „олади“ сè до прес-конференцијата.

  • Тука не можам да пцујам, не можам да бидам критичен на кој било начин, а да не наштетам или загрозам. Да го извадам правилникот сега. Има многу ставки, знаете? Затоа е подобро да не зборуваме за тоа, лесно може да влеземе во неволја – порача возачот на Ред бул.

ИЗДВОЕНИ