Актуелниот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, се соочува со можност за суспензија која би била значаен удар во одбраната на титулата. Холанѓанецот влегува во сезоната 2025 со осум поени на својата суперлиценца на ФИА. Доколку возачот на Ред Бул собере уште четири пред да му истече, по автоматизам ќе биде казнет со суспензија од една трка.
Според моменталните правила, возачите кои ќе соберат 12 негативни бодови во период од една година ќе мора да ја отслужат казната. Исто така, казнените бодови се бришат по 12 месеци, односно ќе почнат да се намалуваат од ФИА лиценцата.
Трката во Шпилберг е 11-та на календарот во новата сезона, што значи дека Холанѓанецот мора да биде крајно внимателен во првата половина од сезоната за да не се доведе во уште поголема опасност. Во случај да биде суспендиран, би бил втор возач со изречена таква казна по Кевин Магнусен од минатата година. Пропуштањето на една трка може да биде клучно кога е во прашање одбраната на титулата за Верстапен. Меѓутоа, и покрај ризикот, четирикратниот светски шампион останува самоуверен во врска со ситуацијата и инсистира на тоа дека нема да го промени пристапот на возење.
Многу од казнените поени на Верстапен се од завршницата на минатата сезона, кога водеше „војна“ на патеката со Ландо Норис од Мекларен во борбата за титулата. Холанѓанецот беше жестоко критикуван поради пристапот на возење во борбата со Норис, особено во Остин и Мексико сити, кога директно влијаеше во контроверзните инциденти со возачот на Мекларен.
На последната трка, Макс доби казна од 20 секунди од стјуардите поради несоодветно возење, како и казнени поени на лиценцата.
Новата сезона ќе започне на 16 март со трката за Големата награда на Австралија.