Четирикратниот светски шампион и возач на Ред бул, Макс Верстапен, доби казна од пет секунди на трката во Џеда, затоа што излета од патеката и го скрати првиот свијок во битката со Оскар Пјастри од Мекларен за првото место. Холанѓанецот остана прв, но по казната падна на второто место, каде што ја заврши трката.

  • Не може да го кажете вашето мислење, бидејќи, очигледно, не се цени или луѓето не може да се справат со вистината. Искрено, подобро е да не кажувате премногу. Сите се многу чувствителни на сè. А, она што го имаме сега во правилата – не можеме да го критикуваме. Значи, колку помалку се зборува толку подобро за мене – рече Верстапен, а пренесе Би-би-си.

Верстапен го изјави ова во врска со промената на правилата воведена од Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) во текот на зимата, така што од оваа сезона возачите ќе добиваат построги казни доколку постојано го пцујат или критикуваат раководното тело.

Верстапен минатата сезона беше казнет поради пцуење на прес-конференција во Сингапур и ќе врши општествено корисна работа. Возачот на Ферари, Шарл Леклер, исто така е казнет поради пцости во Лас Вегас.

  • Овде не можете да пцуете, но во исто време не можете да бидете критички настроени во каква било форма што може да „наштети“ или „загрози“. За да извадите лист, има многу редови, знаете? И затоа е подобро да не зборуваме за тоа, може да влеземе во неволја и мислам дека никој не го сака тоа – порача Верстапен.

Во текот на радиоврската со тимот, Верстапен изјави дека не се согласува со казната и дека бил предупреден да го задржи своето мислење за себе.

Пјастри ја запиша третата победа сезонава, петта во кариерата, и го презеде водството во генералниот пласман со 99 бода, пред соиграчот Ландо Норис, кој има 89, и Верстапен со 87 бода.

Шампионатот во Формула 1 продолжува на 4 мај, со Големата награда на Мајами.

ИЗДВОЕНИ