По два исклучително интересни тркачки викенда во Австралија и во Кина, трката за Големата награда на Јапонија, на патеката „Сузука“, беше прилично досадна за сите љубители на Формула 1.
Во текот на 53. круга имаше многу малку престигнувања и интересни настани на патеката, а кога беше готово сè, прв низ целта мина Макс Верстапен, актуелниот шампион и возач на Ред бул.
Дуото на Мекларен, Ландо Норис – Оскар Пјастри, ги зазеде преостанатите две позиции на подиумот.
Норис истакна дека на крајот решиле квалификациите и најбрзиот круг извозен од Верстапен на трката.
- Да, мислам дека загубивме овој викенд. Макс имаше одлична трка, без грешки, темпото беше многу слично на нашето, така што можевме да направиме малку повеќе за да го престигнеме. Беше долга трка, со многу труд. Немавме ништо особено со кое можевме да го победиме Макс. Тие беа брзи и како што реков, без грешки, ја заслужија победата – изјави Норис.
Ландо, исто така, се осврна и на инцидентот што се случи при напуштањето на боксот во 22. круг, кога накратко заврши на тревата по дуелот со Верстапен.
- Трка е, тој беше напред… Макс е последниот човек од кого очекувам да ми даде простор на добар начин, во тркачка смисла. Ништо повеќе од тоа – додаде британскиот возач.