Венс се заканува со повлекување на американските војници од Германија

1159
EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс вчера навести дека администрацијата на Доналд Трамп може да го преиспита военото присуство во Германија, поврзувајќи го продолжувањето на американските одбранбени обврски со ставот на Берлин за слободата на говорот, пишува Политико.

Говорејќи на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во Вашингтон, Венс директно ја нападна Германија за, како што вели, ограничувањата на слободата на говорот на интернет, предупредувајќи дека американската јавност нема да го поддржи финансирањето на одбраната на земјата додека нејзината влада го потиснува политичкото изразување.

„Политичка цензура“
„Размислете за ова“, започна Венс. „Целата одбрана на Германија е финансирана од американските даночни обврзници. Денес во Германија има илјадници американски војници. Дали мислите дека американските даночни обврзници ќе го поддржат тоа ако ве уапсат во Германија поради објавување на Твитер? Секако дека не“.

Неговите коментари, кои беа проследени со силен аплауз од публиката на CPAC, се продолжение на острите тонови на администрацијата на Доналд Трамп кон трансатлантските односи, пренесува Politico. Овие изјави доаѓаат по неговиот говор на Минхенската безбедносна конференција претходно овој месец, каде што ги критикуваше европските лидери за миграциската политика и наводната политичка цензура, пренесува Index.hr.

Говорот на Венс во Минхен предизвика бурни реакции во европските политички кругови, бидејќи тој ги обвини западните лидери за поткопување на демократските вредности со масовна миграција и задушување на слободата на говорот.

Бајден и културата на цензура
Како што понатаму пишува Политико, на CPAC, Венс понатаму тврдел дека западните влади, особено под администрацијата на Џо Бајден, вовеле култура на цензура слична на политиките на авторитарните режими.

„Администрацијата на Бајден направи повеќе за да ја уништи слободата на говорот, не само во САД туку и во Европа, отколку која било администрација во американската историја“, рече Венс.

„Следете го примерот на Доналд Трамп – слобода на говор, граници и суверенитет. Ова е иднината на нашата заедничка цивилизација“.

Коментарите на Венс сигнализираат дека администрацијата на Трамп би можела да изврши директен притисок врз Германија и другите сојузници на НАТО со закана дека ќе го повлече или намали американското воено присуство во Европа.

Околу 35.000 американски војници моментално се стационирани во Германија како дел од американските безбедносни обврски по Втората светска војна и стратегијата за одвраќање од Студената војна.

 

ИЗДВОЕНИ