„Европа е наш сојузник, но не може да биде постојан вазал на САД во однос на безбедноста и трговијата“, изјави денеска американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс во интервју за британскиот сајт UnHerd.
„Ја сметаме Европа за наш сојузник. Ние едноставно сакаме сојуз во кој Европејците ќе бидат малку понезависни, а тоа ќе се одрази на нашите безбедносни и трговски односи“, рече Венс, кој постојано ги напаѓа европските лидери.
Неговите коментари доаѓаат во време на геополитички тензии меѓу САД и Европа за голем број прашања, вклучувајќи го и украинскиот конфликт, додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп бара другите членки на НАТО драстично да ги зголемат трошоците за одбрана.
Во интервју за UnHerd во понеделникот, Венс изрази фрустрација поради пристапот на Европа кон безбедноста, тврдејќи дека темата одамна е слепа точка за регионот. „Реалноста е – тоа е безобразно да се каже, но исто така е точно – дека целата безбедносна инфраструктура на Европа, беше субвенционирана од Соединетите Американски Држави“.
Во моментов, продолжи тој, само три европски држави – Велика Британија, Франција и Полска – имаат самоодржливи војски.
„На некој начин, тие се исклучоците што го докажуваат правилото, дека европските лидери недоволно инвестирале во безбедноста и тоа мора да се промени“.
Јас секако признавам дека не е во интерес на Европа, ниту во интерес на Америка, Европа да биде постојан безбедносен вазал на Соединетите држави.
Администрацијата на Трамп ги притиска европските нации да инвестираат повеќе во своите војски уште од првиот мандат на Трамп, тврдејќи дека САД го преземаат главниот товар. Во 2014 година, членките на НАТО ветија дека ќе ги зголемат трошоците за одбрана на 2% од БДП, иако некои сè уште се борат да го достигнат тоа.
Во февруари, Трамп предложи членките на НАТО да размислат за трошење дури 5% од БДП за одбрана, подоцна предупредувајќи: „Ако не платат, нема да ги бранам“.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте се согласи дека Трамп е во право што бара од европските членки да ги зголемат трошоците за одбрана во услови на тензии со Русија.
Бројни западни претставници шпекулираат дека Русија би можела да ги нападне европските членки на НАТО во рок од неколку години. Москва го отфрли тврдењето како „глупост“, велејќи дека нема интерес да го прави тоа.