Откако проговори францускиот селектор и рече дека се надева дека ќе игра Виктор Вембањама на Евробаскетот 2025, сега од француските медиуми пристигнуваат вести дека е успешно опериран Вембањама и дека ќе може без проблеми да се подготвува за Европското првенство.
Најталентираниот кошаркар мораше да ја заврши сезоната во Сан Антонио кога му беше констатирана тромбоза на десното рамо. Сепак, сега се пишува дека бил опериран, дека сè поминало одлично и дека само се чека да се види како ќе помине периодот на рехабилитација. Овој 21-годишник, висок 221 сантиметар, дојде во Сан Антонио во 2023 година, по кариерата во Нант, Асвел и во Метрополитенс, а на 20 февруари му беше дијагностицирана тромбоза. Дотогаш, на 46 натпревари имаше просек од 24,3 поени, 11 скока и 3,7 асистенции на натпревар.
- Виктор требаше да игра за националниот тим пред операцијата. Тој сè уште е мотивиран да биде дел од нашиот тим. Ќе видиме како ќе оди неговото закрепнување, а потоа ќе донесеме одлука. Тој се чувствува добро и сè оди во вистинската насока за него – изјави новиот селектор на Франција, Фредерик Фату.
На неодамнешната ждрепка одржана во Рига, Франција се најде во група со Исланд, Словенија, Полска и со Израел. Групата Д ќе се игра во Катовице, а Французите ќе го започнат натпреварувањето на 28 август, со дуелот против Белгија. Тие ќе играат со Словенија на 30 август, потоа со Израел на 31, а во септември со Полска и со Исланд.