Велс е најважниот тест за силата на Македонија

98

Убедливата победа на гостувањето во Лихтенштајн ќе падне во втор, а можеби и во трет план, доколку репрезентацијата на Македонија не забележи позитивен резултат и во вториот натпревар од квалификацискиот циклус за престојниот Мундијал кој во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.

Избраниците на Благоја Милевски денеска (20:45 ч.) на националната арена „Тодор Проески“ ќе ја нагостат селекцијата на Велс која исто така, со триумф од 3:1 над репрезентацијата на Казахстан, го стартуваше мудијалските квалификации.

За разлика од минатото, кога во тимот имаше по неколку фудбалски ѕвезди, Герет Белј или Крег Белами (кој сега е селектор), актуелниот состав на Велс не е толку звучен но мора да се напомене дека 99% од репрезентативците играат во најквалитетната европска лига, англиската Премиер.

-Верувам дека ќе бидеме сите здрави за натпреварот кој се игра во Скопје, ни следи еден сосема поинаков натпревар и поинаков тим на противник. Веќе максимално се насочуваме на Велс, тоа ќе ни биде најтешкиот преизвик и најтешкиот натпревар во квалификациите, изјави селекторот на нашиот национален тим, Благоја Милевски.

Неговиот колега од спротивната страна, Крег Белами, ја пофали селекцијата на Македонија, но додаде дека има многу поважни работи од дуелот во Скопје.

-Македонија има добар тим и ние мора да бидеме на висина на задачата. Дали имам непреспиени ноќи поради овој дуел? Не. Има многу поважни работи во животот. Сакам предизвици, сакам да го подготвам мојот тим за некакво гостување како во Македонија. Би сакал да добијам шанса да го подготвам мојот тим за дуел против Бразил. Сакам да напредувам и сакам да напредува мојот тим. Не живеам со нож помеѓу моите заби. Мора да го прифатиш предизвикот, да бидеш возбуден. Македонија е причина повеќе за возбуда, изјави Белами.

„Црвено-жолтите“ се во серија од шест победи, сите без примен гол, но и Велс може да се пофали со добра низа резултати. Селекцијата на оваа земја е без пораз на последните седум натпревари, односно откако на клупата е легендарниот Крег Белами.

 

 

ИЗДВОЕНИ