Стотици летови беа откажани денеска во Велика Британија поради силните ветрови што ја погодија земјата за време на напорниот божиќен викенд, соопшти лондонскиот аеродром Хитроу, а погоден е и другиот сообраќај, пренесува Хина.
„Поради силниот ветер и ограничувањата на воздушниот простор денеска се откажани мал број летови“, се проценува на околу сто, објави лондонскиот аеродром, најголемиот во Велика Британија и Европа по број на патници. Веќе вчера Хитроу откажа неколку летови, што главно ги погоди патниците на Бритиш ервејс.
И сите патувања меѓу Ларн во Северна Ирска и Каирнријан во јужна Шкотска се откажани најмалку до 20 часот по локално време, соопшти британската бродска компанија P&O Ferries.
Освен тоа, патиштата мораа да бидат затворени, а возовите од вчера сообраќаат со ограничена брзина, што доведе до откажувања и значителни доцнења за време на овој исклучително напорен викенд, за време на кој милиони Британци планираат да патуваат.
Британската метеоролошка служба објави дека жолтите предупредувања за силен ветер ќе останат во сила до 21 часот по локално време, со налети до 125 километри на час. Ветерот треба да слабее во понеделник навечер.