
Велика Британија и Украина постигнаа договор за заем од 2,26 милијарди фунти (околу 2,73 милијарди евра) за поддршка на одбранбените капацитети на Украина, изјави украинскиот министер за финансии Серхи Марченко.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и британскиот премиер Кир Стармер, заедно со британската канцеларка Рејчел Ривс, вчера вечерта остварија видео-повик со Марченко, јави Би-Би-Си.
Марченко на социјалните мрежи напиша дека средствата се „обезбедени со замрзнати руски средства“. Тој додаде дека и е благодарен на Велика Британија што „го смета агресорот одговорен за војната“. Зеленски од вчера во посета на Обединетото Кралство, при што се сретна со британскиот премиер Стармер, додека денеска ќе присуствува на самитот на европските лидери на кои ќе се разговара за безбедносните гаранции што европскиот континент може да ги понуди на Киев во случај на прекин на огнот со Русија.