Верниците од православна веросиповед во пресрет на големиот празник Велигден изработија велигденско јајце со висина од 2,3 метри и пречник од 1,6 метри го поставија во дворот од тетовската црква Свети Кирил и Методиј. Јајцето е изработено во дворот на една тетовска куќа и оттаму е пренесено и со дигалка е поставено во дворот на црквата.
Јајцето е изработено од стиропор и гипс, но и други материјали. Старешината на соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“, отец Александар Стојановски, рече дека во православието јајцето го симболизира животот.
– Кога пилињата коишто се во јајцето, ќе ги искршат лушпите и ќе излезат од јајцето, тоа значи се раѓа живот, исто како што и господ Исус Христос, којшто бил 3 дена во гробот, ја искршил гробната плоча и излегол и затоа јајцето е симбол на живот – рече отец Стојановски.
Уште едно вакво јајце високо 1,7 метри, е поставено и во дворот на црквата „Св. Никола“ во Тетово.