Не би рекле дека верниците имаат две лица, па дури и тие што само декларативно се претставуваат за верници. Тоа е слика на паднатата човечка природа со своите страсти и слабости. Денеска паѓа во грев, утре веќе се кае, задутре пак паѓа во грев, но важно е секогаш да се стане и да се продолжи со борбата. Разлика има помеѓу тие што се трудат да се борат со своите слабости и страсти, оние на кои им е потребно повеќе време да ги воочат своите грешки и оние што со своите слабости и пороци се фалат, вели епископот Марко.
Епископ Марко е веќе втора година на тронот на новата Делчевско-каменичката епархија, во чии рамки веќе се забележуваат позитивните промени. Но тој е активен и на планот на одржувањето на богослужбите со достоинствениците на други православни цркви. Целта е и што побрзо да се заокружи процесот на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, кои и по три години од нашето прифаќање како канонска црква сè уште не е завршен. За тоа, но и за другите актуелности во нашата Црква, тој зборува во празничното интервју за ВЕЧЕР.
о Го празнуваме Велигден, еден од двата најголеми христијански празници, која е суштината на овој празник, каква симболика и какви пораки во себе носи воскресението Христово?
– На почетокот би сакале да Ви се заблагодариме за можноста, токму кога го славиме најголемиот христијански празник, воскресението Христово, првпат да кажеме нешто за Вашиот медиум. Убаво е кога се започнува нешто на знаен ден, а радоста, се надевам обострана, е уште поголема кога на еден ваков празник нешто се започнува. Со самото тоа што Црквата го нарекла овој празник Велигден, му ја дала и смислата на празникот. За нас христијаните нема повеличествен ден од овој. Со воскресението Христово победен е најголемиот непријател на човекот, а тоа е смртта. Иако ние луѓето и понатаму ја вкусуваме смртта, знаеме дека таа нема веќе сила над нас, откако Христос, чиешто тело сме сите ние христијаните, воскресна од мртвите. Преку Неговото Тело, значи, и ние воскреснуваме и стануваме од распадливи – нераспадливи, од привремени – вечни битија. Ако Христос не воскреснеше тогаш, ниеден празник ќе немаше смисла. Ниту, пак, ќе имаше смисла страдањето за Христа и за Вистината, бидејќи смртта на крајот ќе беше победникот и гробот последната станица на човекот. Но Христос воскресна и затоа нашата радост е голема, било да имаме поголеми или помали искушенија и тешкотии во животот. Тоа е пораката на овој празник, да се радуваме на победата на животот над смртта. Затоа што знаеме дека, како што има речено светиот владика Николај жички и охридски: „На крајот сè ќе биде добро. Ако не е добро, значи не е крај!”
о Епископ сте на Делчевско-каменичката епархија, која ги опфаќа градовите Делчево и Македонска Каменица, која е најмала. Какви сè активности имате во неа од назначувањето и кои Ви се плановите за во иднина?
– Не знам дали е најмала, бидејќи и митрополитот крушевски и демирхисарски г. Јован, а и епископот дељадровско-илинденски г. Јоаким имаат мали епархии. Во секој случај, Делчевско-каменичката епархија е една од помалите епархии на МПЦ – ОА. Пред сè, една од првите активности кои ги имавме и сè уште се во тек, беше да обезбедиме услови да можеме да живееме во епархијата. За нејзино седиште е одреден манастирот „Животоприемен источник”, познат како Балаклија, којшто се наоѓа над градот Делчево. Изграден е конак, но има поприлично незавршени работи внатре и во тек е приспособување на просторот за да направиме услови за престојување. Имајќи предвид дека сме епархија која не располага со големи материјални средства, уредувањето оди полека, но се надеваме дека наскоро ќе можеме да се радуваме на осветувањето на новиот простор за живеење во манастирот. Освен тоа што се трудиме да го собираме народот на литургија, секој празник и недела, што е првенствената и најважната наша задача, во црковните простории организираме и часови по англиски и германски јазик за деца, како и часови по црковно пеење. Изминатава година имавме јавни трибини и во Делчево и во Каменица, на богословски теми, со што планираме и да продолжиме во иднина. За оваа година имаме закажано осветување на еден, а можеби и на уште еден храм, ако успееме да го уредиме. Уредувањето на соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Делчево, исто така е во тек. Со Божја помош, но и благодарение на добрата соработка со свештениците и со верниот народ од нашата Епархија, се радуваме на секој духовен напредок.
о Извесно е дека во текот на велигденските денови, црковните храмови низ земјава ќе бидат мошне исполнети со верници. Но, по празниците, во редовни денови, се чини, дека црковните храмови нема многу граѓани на службите. Зошто е тоа така?
– Смислата на човековото постоење е да биде во заедница со Створителот, значи, со Бога. Откако нашиот прародител Адам ја наруши таа заедница со Бога, а преку него и целиот човечки род, човекот е во постојано лутање низ животот барајќи ја смислата на своето постоење. На тоа скитање не сме имуни и во нашава современост. Разни светски задоволства и трка по поголемо материјално богатство не треба да дозволиме да доведе до тоа, да ни го засени значењето на Бога. Брзото живеење и желбата да се проба сè што ни нуди овоземскиот живот е една од главните причини поради која нашите храмови не се секогаш полни со верници како на големите празници. Секако дека и ние како епископ треба уште повеќе и подобро да се потрудиме да го сведочиме Вечниот Бог Света Троица, и на тој начин да ги истакнуваме евангелските аспекти и вистинските вредности во животот на секој еден православен христијанин. Верувам дека на тој начин Божјата благодат ќе го допре сечие срце и секој ќе пристапи со радост во Божјиот дом – Црквата. Потребно е да се вложи труд од сите нас за да се издигнеме над нашите слабости и да разбереме дека првостепено е да бидеме со Бога, затоа што тоа ни ја гарантира вечноста, а сè друго е на второ или трето место. Ако така ги подредиме нештата во нашиот живот, тогаш ќе знаеме дека во недела и на празник прво треба да појдеме на литургија и да заедничариме со Бога, а потоа можат да следуваат сите други активности во животот.
о Нашите граѓани кои повеќе од 90-проценти се декларираат како верници, но во секојдневниот живот истите тие верници се однесуваат поинаку, се лаже, се прави криминал, се упатуваат тешки обвинувања кон другите, навреди… Зошто се однесуваме поинаку, со две лица?
– Не би рекле дека верниците имаат две лица, па дури и тие што само декларативно се претставуваат за верници. Тоа е слика на паднатата човечка природа со своите страсти и слабости. Денеска паѓа во грев, утре веќе се кае, задутре пак паѓа во грев, но важно е секогаш да се стане и да се продолжи со борбата. Безгрешен човек нема. Разлика има помеѓу тие што се трудат да се борат со своите слабости и страсти, оние на кои им е потребно повеќе време да ги воочат своите грешки и оние што со своите слабости и пороци се фалат. Во една од молитвите за покојните велиме: „Секаков грев направен од него (или: неа), со збор или на дело, или со помисла, како човекољубив Бог, прости го, зашто нема човек кој живее, а да не згреши. Ти си единствен без грев, правдата Твоја е вечна правда и зборот Твој е вистина”. Црквата е духовно лечилиште, болница, за сите кои бараат помош. Не можеме да очекуваме дека секој што ќе дојде во Црква, веднаш ќе биде здрав духовно и нема да греши повеќе. Важно е да не се откажуваме од борбата со нашите страсти и слабости до крајот на нашиот живот. А Бог, гледајќи го нашиот труд, ќе го помине поголемиот дел од патот за да нè пресретне и да нè исцели. Но ако не се трудиме, тогаш Господ нема да врши насилство над нашата слобода и насила да нè спасува. Господ суди и по милоста Своја, но и по правда.
о За таквите гревови, за правење криминал, лажење, збогатување врз грбот на другите… има ли проштевање? Можат ли таквите гревови да се простат со тоа што тие лица ќе дадат донации за некоја црква или е потребно нешто друго?
– Животот во Црквата не е црно-бел. Има тука многу бои и нијанси. Ако некој мисли дека може да го излаже Бог, се лаже самиот себе. Бог нè познава сите, повеќе отколку што самите ние се познаваме, бидејќи е наш Створител. Покајанието не е формалност во Црквата туку суштинска работа. Пример за вистинско покајание ни се опишува во Евангелието. Кога, за време на Христовата мисија на земјата, началникот на митниците (даночниците или цариниците), Закхеј, осознавајќи ја својата грешност пред Христа рекол: „Господи, еве, половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и, ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам”. (Лк. 19,8). Гледате, Закхеј не вели, дека ако зел нешто несправедливо ќе го даде на Црквата, туку четворно ќе го врати на оној од кого зел. Ако имаме вакво покајание и тоа да го спроведеме на дело, можеме да се надеваме да ги слушнеме Христовите зборови: „Денеска дојде спасение на овој дом”, (Лк.19,9) како што му рекол на Закхеј. Разбојникот што беше распнат со Христос се покаја за своите гревови во последниот момент од овоземскиот живот, па Христос му рече: „Денеска ќе бидеш со мене во рајот”. (Лк, 23,43). Искреноста во покајанието е најважна за да ни биде простено. Затоа треба сериозно да ја разбереме потребата од искрено покајание.
о Во јавноста, меѓу граѓаните, има мислење, има перцепција дека на свештените лица не им е туѓ луксузот, дека се возат скапи возила, дека живеат во убави резиденции, дека цените на црковните обреди се скапи… Дали сметате дека тука се потребни одредени промени?
– Во секоја служба има и добри и лоши примери. Ако некој ги посочува лошите примери како оправдание што не оди во Црква, самиот себеси си прави духовна штета. Да не бидеме погрешно разбрани. Не ги оправдуваме лошите примери во Црквата, но веруваме дека, ако има илјада причини човек да се соблазнува и да не оди во Црква, има барем илјада и една причина, значи барем една причина повеќе, човек да оди во Црква, затоа што сме сигурни дека има повеќе добри примери отколку лоши. Дали црковните обреди се скапи или не, можеме да дискутираме. Но да дискутираме и за тоа што е поважно, дали благословот од Бога што се дава преку обредите што ги извршуваат свештениците или веселбите на кои се даваат многукратно повеќе пари од тоа што чини еден црковен обред!? Она што го спомнавме погоре, како скитање на човекот во барањето на смислата на своето постоење, се гледа и овде.
Ако Црквата ја перципираме како брод што плови кон тивкото Пристаниште, Царството Божјо, чиј Кормилар е самиот Христос, тогаш поважно ќе ни биде да се држиме за добрите примери, отколку, гледајќи ги духовно болните кои исто така се на бродот, да скокнеме од бродот во бурата и да се удавиме. Се согласуваме дека се потребни промени и кај свештенството и кај народот. Не значи дека сите што се на бродот, ќе стигнат и до Пристаништето, без разлика дали се свештени лица или обични верници. Ако не сме спремни да се менуваме кон подобро, лесно можеме да испаднеме од бродот.
о Наскоро ќе поминат три години откако Вселенската патријаршија канонски го призна постоењето на МПЦ-ОА. Но, автокефалниот статус на нашата Црква сè уште не е заокружен и покрај Томосот од СПЦ. И Вие ја делите мислата дека „цело е кога има сè “. Како гледате на овој проблем?
– Нема проблем кој не може да се реши, иако можеби навидум се чини нерешлив. Пред сè потребна е добра волја и со ладни глави да размислуваме. Во моментов има наелектризирана ситуација во православието, една бура во која не може да се размислува многу рационално. Веруваме дека Господ во свое време ќе нè просветли и ќе ги надминеме недоразбирањата. Како што тоа многупати се случувало во Црквата низ историјата. Бог никогаш не допушта искушенија поголеми од она што можеме да го издржиме. Треба да покажеме поголемо смирение и трпение и како помесна Црква, но и секој од нас посебно за да можеме да примиме просветление од Бога. „Жртвата пред Бога е смирен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш”. (Пс. 50,17). Најважната работа што се случи пред неколку години е тоа што се воспостави литургиско единство на МПЦ – ОА со сите православни помесни цркви во светот. Тоа беше рана која долги години нè мачеше, посебно последните дваесет години, кога дел од Црквата во Македонија беше во Единство со сите православни во светот, а дел остана надвор од тоа Единство. Но Му благодариме на Бога што се изнајде решение за тој проблем! Тоа ми влева надеж дека и другите недоразбирања ќе бидат надминати наскоро.
о Достоинствениците на МПЦ-ОА имаат сослужувања со достоинствениците на други цркви, и Вие, покрај другите. Но, се чини, контактите се сведени со две – три соседни цркви. Дали е тоа доволно? Еднаш рековте дека најважни се сослужувањата а не некој документ како хартија.
– Токму тоа е начинот да се надмине проблемот. Најважната потврда за Единство е заедничкото сослужување и причестувањето со Телото и Крвта Христови. Тоа нема само формален карактер. На мистичен начин ние стануваме Едно тело со нашиот Господ Исус Христос, но и меѓусебно. Тоа и беше причината за прифаќање на литургиското Единството со Српската православна црква во 2002 година од страна на сегашниот Митрополит крушевско-демирхисарски г. Јован. Кога сме сите едно тело со нашиот Господ, многу полесно се доаѓа до договор и разбирање. Благодарение на тоа Единство дојде и до целокупно Единство на МПЦ-ОА со сите православни цркви. Дали можеше и порано…? Ќе оставиме да анализираат хроничарите и историчарите на Црквата. На сличен начин, веруваме, ќе се заокружи и прашањето за автокефалниот статус на МПЦ-ОА од страна на сите помесни православни цркви. Само се надеваме дека нема да чекаме исто колку и воспоставувањето на Единството со сите православни цркви. Потребно е да знаеме дека нема ништо попогубно за човекот да биде надвор од Единството на Црквата. Кога веќе тоа го имаме, сè друго е полесно решливо.
о Православието во светот и натаму го потресуваат поделбите, главно на релација меѓу Руската православна црква и Вселенската патријаршија, кои се обидуваат да формираат свои блокови. Како МПЦ-ОА треба да се раководи во ваквата ситуација?
– Спомнав погоре дека во православието, веќе некое време, има наелектризирана ситуација, која не ни овозможува да размислуваме многу рационално и со ладни глави. Длабоко жалиме за тоа и се молиме Господ да ни помогне да најдеме решение. Тоа нè засега сите, бидејќи сме Една Света Соборна и Апостолска Црква. Ако еден дел од телото е повредено, целото тело страда. Политиката и интересите на големите држави очигледно имаат влијание и на меѓуцрковните односи. Ова е период на болување на Црквата од кое, секако, ќе излеземе посилни и поискусни. Тоа ни го сведочи историјата. Не е првпат Црквата да се соочува со слични проблеми, но секогаш наоѓала начин да се исцели, бидејќи нејзина Глава е самиот Христос. Нашата Црква треба да одржува добри односи со сите и кога веќе имаме прилика да сослужуваме со другите помесни православни цркви да се обидеме да влијаеме во правец на релаксирање на затегнатите односи. Мислиме дека треба да дојде до свикување на сеправославен Собор и таму братски да се разговара за проблемите. Сè додека сме закопани во своите ровови, тешко ќе се изнајде решение. Правење блокови и раздори е директно против суштината на Црквата која е Една како што е Еден нашиот Бог. Да се држиме до таа суштина, а Бог во свое време ќе ни го покаже вистинското решение.
(рамка)
Н: Кочани е траума за сите нас, но полесно е кога заедно со Христос ја носиме болката
о Македонија како држава неодамна доживеа тешка трагедија со ужасниот пожар во Кочани. Но, трагедии имавме и порано во Тетово, со автобуската несреќа во Бугарија, кај Ласкарци. Како да се справуваме со ваквите трагедии, колку МПЦ-ОА може да помогне во вакви ситуации, како да се справуваме со општествените трауми?
– Навистина длабоко нè потресе последнава несреќа во Кочани. Не помалку и другите што ги спомнавте. Секојдневно ние се соочуваме со смртта, но кога одеднаш ќе загинат многу, уште и млади луѓе, тешко се наоѓаат утешни зборови за блиските. Всушност, не само за најблиските на загинатите и повредените, ова е траума за сите нас како народ. А од кого утеха да примиме, во вакви трагични моменти, ако не од Воскреснатиот Христос? Токму празникот којшто го славиме сведочи за победата на животот над смртта. Човечки е да се тагува, но не и да се очајува. Не треба да се лутиме на промислата Божја што некои наши блиски го напуштаат овој свет порано отколку што ние се надеваме дека тоа ќе се случи. Веруваме во Воскресението. Црквата постојано се моли и за покојните и за сите на кои им е потребна помош и закрепнување од повредите. Отворени сме за духовен разговор со сите што имаат потреба да ја споделат болката. Но најмногу ќе имаме полза ако редовно одиме на Литургија, бидејќи Светиот Дух слегува на даровите кои ги принесуваме, лебот и виното, правејќи ги Тело и Крв Христови, но слегува и на сите нас за, како што велиме во една молитва на Литургијата, „да даде секому според неговите потреби”. Во Литургијата сме заедно и со нашите блиски кои го напуштиле порано од нас овој свет. Тука, и единствено тука, во Телото Христово, биваме на мистичен начин соединети со нив. Траумата, можеби, нема на волшебен начин да исчезне, но кога заедно со Христос ја носиме болката, полесно ќе ни биде бидејќи знаеме дека Тој ни е Патот, Вистината и Животот.
Нека ни е честит празникот!
Христос Воскресе!