Македонски Брод е помало гратче што се наоѓа во Западна Македонија и претставува средиштен дел на областа Поречие, сместено во горниот тек на реката Треска. Опколено е со планини, сликовит пејзаж и претставува вистинска воздушна бања за сите вљубеници во природата. Гратчето е поделено на Горно и Долно Порече и го сочинуваат вкупно четириесет и четири села. Сите села се одликуваат со своја, специфична убавина и мистичност, со што се примамливи за посета и нивно истражување.
Ова гратче претставува стара македонска населба што се одликува со вековна историја, за што говорат повеќе легенди и преданија, како и еден надгробен споменик, пронајден во селото Крапа, кој говори дека бил населен просторот со Римјани. Покрај тоа, постојат археолошки локалитети како што се Грамада (некропола од доцноантичкото време); Кале (градиште од доцноантичкото време); Кула (населба и кастел од средниот век) и Рајчица (базилика и некропола од старото христијанско време и раниот среден век), како и неколку цркви што датираат од 18 век, а меѓу нив е и најновата градска црква изградена во 2015 година.
Покрај горенаведените историски и географски податоци, ова гратче претставува вистински мозаик од културни и духовни вредности, етнички заедници, богат спектар на обичаи и обреди, традиција, религија и фолклор.
Од обичаите, како најинтересен го издвојувам обредот велигденски кули, кој датира уште од времето на Отоманската Империја и се изведува на вториот ден од големиот христијански празник Велигден. Изведувањето на овој обичај е поделено на неколку етапи.
Првата етапа ја сочинува обичајот покрсти, кој започнува со литургија во блиската црква, при што се формира обредна поворка на чело со свештеникот, верниците доброволци носат религиски обележја и икони, па така обредната поворка го заобиколува целиот бродски атар на сите четири страни. Веднаш по тргнувањето на покрстите, се излегува по ридот до местото Топола, каде што се врши првото заклинување. Симболиката на овој обичај го опишува трнливиот пат на Исус Христос и се верува дека напролет, кога ќе „оживее“ дрвото, на тој начин се раѓа нов живот, а со тоа се поврзува и Христовото воскресение.
На враќање од покрсти, се одвива втората етапа, преку таканаречениот обичај каленчица. Во изведувањето на овој обичај учествуваат девојчиња облечени во народна носија, кои формираат шпалир (редици луѓе од двете страни на патот) и сите оние што сакаат да бидат дел од велигденските кули (без разлика дали активно ќе учествуваат) да поминат под тој шпалир, додека, пак најхрабрите момчиња што веќе поминале под него, веќе почнуваат да ги формираат кулите.
Кулите се состојат од два реда луѓе, од кои во секој ред има по петмина учесници. Пет момчиња од долниот дел се фаќаат рамо за рамо и врз нивните рамена стапнуваат пет други момчиња, кои, исто така, се држат рамо за рамо, кои го формираат горниот дел на кулата. Кулите, исто така, мора да бидат пет на број, симболизирајќи го петвековното отоманско ропство што владеело во нашата земја.
Долниот дел од кулата ги симболизира поробителите – Отоманците, додека, пак, горниот дел ги претставува македонските христијани, кои, носени од помислата дека ќе дојде денот кога буквално ќе стапнат врз вратот на непријателот (поробителот) гордо издигнувајќи се, јасно им покажуваат на сите присутни дека ќе светне сонцето на слободата. Додека го изминуваат патот од пред градската црква до местото на поранешното сретсело, кулите треба да внимаваат да не паднат, затоа што постоело верување доколку некои од членовите дозволат да се распадне кулата, ќе ги следи несреќна година.
Друго обележје на овој обичај се неговите единственост и уникатност, не само во Македонски Брод туку и низ цела Македонија, како и надвор од неа. Обичајот е проследен со пеење патриотски и црковни песни и повеќе од јасно ни укажуваат дека храброста и издржливоста на Македонецот се непокорни дури и во деновите кога се наоѓал под отоманска власт и на другите непрекинати угнетувачки процеси.
Иако времињата минуваат и се менуваат, согласно со времето и обврските на луѓето, дозволуваат да се трансформираат и видоизменуваат дел од обичаите, но, сепак, интересно е што броѓани (назив за населението на Македонски Брод) сѐ уште ги изведуваат овие обичаи. Со нивните изведување и одржување, ги заштитуваат од изумирање.