Велигденската трпеза секоја година секоја година е сè поскапа, а ова не е исклучок и годинава. И покрај мерките на Владата за ограничени маржи на 10 отсто до 30 април, претпразнично цените повторно се качија. Граѓаните велат дека цените се изгор како во маркетите, така и на зелените пазари, но мора да се почитува традицијата и да се направи празничен велигденски ручек. Пресметките покажуваат дека една скромна велигденска трпеза годинава ќе чини минимум 50 евра.
Просечно, килограм свежо јагнешко месо, кое е традиционално јадење за Велигден чини од 600 до 800 денари, табла јајца од 180 до 250 денари, а килограм компири 50 до 70 денари. Килограм телешко од 800 до 1200 денари, а јунешка шницла е околу 650 денари за килограм. Свежото свинското и пилешко сè нешто поевтини, така на пример свинска кртина плешка чини околу 350 денари килограм, исто толку се и ребрата, а свински бут без коска е околу 400 денари. Пилешкото филе во различни маркети, има различна цена од 350 денари па нагоре.
Ако краставиците пред сезоната се продаваа за 120 до 130 денари, сега на пазарите се нудат по цена од 100 до 110 денари. Заврзок млад лук или кромид од 20 денари, сега чини 15 денари.
Љупчо Радевски од Сојузот на синдикати на Македонија вели дека без 3.000 денари не може да се наполни велигденската трпеза. Оваа сума е за основните јадења кои треба да се најдат на трпезата, без некој луксуз од овошја кои не се сезонски.
-Високите цени последниве години ја наруши традицијата за одење на гости за време на велигденските празници. Празникот се прославува во кругот на најтесното семејство со скромен семеен ручек. Поради скапотијата, ретко кој може да викне гости, тоа стана луксуз, вели ВЕЧЕР, Радевски.
Тој вели дека во месарниците нема јагнешко под 600 денари за килограм, а за еден семен ручек потребно е најмалку 1,5 килограми јагнешко или околу 1.000 денари ќе ви треба само за јагнешко. А, ако некој не јаде јагнешко, тогаш ќе ви треба уште 1.000 денари да купите свинско или пилешко. Не зборуваме за телешко или јунешко кое е поскапо и кое може да си го дозволат малкумина. За салата ќе ви требаат уште 100 до 200 денари во зависност од тоа дали ќе ја правите со краставици, домати или марула. Пијалакот ќе ве чини од 500 до 600 денари, без ракија, бидејќи речиси секое македонско семејство дома има ракија. Ако на тоа се додаде и нешто сувомесно, сирење и благо – велигденската трпеза излегува многу „посолена“.
-Според пресметките едно семејство за да го помине Велигден треба да издвои од 10 до 15 отсто од својата плата, а станува збор само за еден ден. Се поставува прашање како граѓаните ќе ги преживеат останатите 30 дена? Поради тоа ние бараме што поскоро зголемување на минималната плата за да не им го продолжиме велигденскиот пост на граѓаните, додава Радовски.
Кампањата на Владата помалку трошоци трае до 30 април до кога маржите ќе бидат ограничени на 10 проценти во трговијата на мало и исто толку во трговијата на големо за основните прехранбени производи, а најавено е и проширување на кошничката. Новата кошничка се планира да опфати над 100 групи производи, а дополнета ќе биде и со непрехранбени производи со високи маржи. До крајот на месецов треба да биде познато што ќе содржи.
(А.С.)