Традиционалното дефиле под маски на Вевчанскиот карневал 2025 започна денеска, кога двете василичарски друштва „Горна маала“ и „Долна маала“ тргнаа од влезот на селото Вевчани, предводени со зурли и со тапани, зетот, невестата, двата ѓавола, Глупавите Августи…

Поранешните министри од ДУИ, Груби, Бесими и Шаќири, како играат фудбал во кабинетот на Груби, како и потрагата по Груби, кој е во бегство, беа најинтересните маски, помеѓу стотината, кои годинава предизвикаа најголемо внимание на Вевчанскиот карневал.

Вевчанци и годинава ја покажаа својата смисла за хумор, исмејувајки ги општествените и политички случувања минатата година, а на удар секогаш се и носителите на јавни и политички функции. Овде беа и маските, планетата на мајмуните, инспирирана од истоимениот филм, Државна лотарија, бугарската администрација во Македонија, премиерот Мицкоски…

Задолжителни елементи на карневалот се зетот и невестата, кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото, и двајцата Глупави Августи, кои ги штитат од злото.

Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Свети Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот јулијански календар.

По традиционалните маски на дефилето, следуваа и другите инспирирани од политичките и од општествените настани што се случија изминатава година. Инспирација за изработка на маските има многу, а се црпи од актуелните случувања. Вевчанци, под маски, на сатиричен начин кажуваат сè, но до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат. Секое карневалско издание, и за вевчанци и за посетителите, е неповторливо доживување. Ново, иновативно, интересно.

 

И годинава, чувајќи и негувајќи ја речиси 15-вековната традиција, Вевчани живее карневал со свои карактеристики: хумор, забава со многу музика, дружење, но под снег.

ИЗДВОЕНИ