Предлог-законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, а со кој се бара до крајот на 2026 година да се пролонгира рокот за завршување на автопатот кон Охрид, доби поддршка од македонското Собрание да се донесе во скратена постапка.
Дополнувањето во законот е со цел да продолжи изградбата на автопатот со склучување на нов, шести по ред анекс на Договорот за изградба со кинеската компанија „Синохидро“.
Предложените дополнувања во законот ќе одат и пред собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правната комисија.
– Според добиените дописи, мислења и укажувања од страна на надзорот и ФИДИК, експертот кој беше ангажиран од Јавното претпријатие за државни патишта и Владата, прогресот на работите е 83,84 проценти, со што Владата предлага до Собранието продолжување на рокот за реализација на овој проект – рече во образложението на предлог-законот, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Тој истакна дека законот не повлекува дополнителни финансиски импликации.
– Причините за продолжување на рокот на реализација на овој проект се добро познати на јавноста. Се појавија 13 свлечишта за кои е потребно дополнително проектирање на технички решенија со цел да се решат пропустите во техничката документација кои се пријавија при реализацијата на овој проект – рече тој.
Бочварски истакна дека реализацијата на планираните објекти, на терен е 88 проценти, а на тунелите со 93 проценти, а ископот на земјениот материјал со 83 проценти.
Во согласност со новиот анекс, изведувачот се обврзува да ги изгради и да ги пушти во сообраќај до 31 ноември 2026 година подделниците 1 и 2, до 31 август 2025 година делница 2.2 и делница 3, а до 30 септември 2026 година делниците 4 и 5.
Со утврдените законски дополнувања, 31 декември 2026 година е предвидениот краен рок до кога изведувачот комплетно треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница.
Автопатската делница Кичево-Охрид на Коридорот 8, со должина од 57 километри, почна да се гради во февруари 2014 година, првично проектирана на 374 милиони евра, а по неколку анекси на Договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра и тој износ нема да се менува и покрај пролонгирањето на рокот, бидејќи досега се потрошени 421 милион евра.
Овој автопат поминува низ специфичен терен, па има повеќе интересни архитектонски решенија. Еден од нив е вијадуктот, крстен по блиското село Лавчани, кој премостува суводолица и има најдолг распон меѓу два столба во Македонија – 165 метри. Исто така, кај селото Добреноец е мостот што има најголема вкупна должина од сите мостови на автопатот Кичево-Охрид. Долг е 520 метри, а највисокиот столб е 59 метри. На терен речиси целосно готови се тунелите кај превојот Пресека.
(С.Бл.)