Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ вечерва (28 февруари) го организира шестото издание на мултимедијалниот настан „Клинци“ во Европската куќа во Скопје со почеток во 20 часот.
Во рамки на настанот ќе се одржи книжевно читање во кое ќе учествуваат Филипа Сара Попова, Никола Наумовски, Емануела Ковачевска Китановска и Бисера Стефановска.
Покрај читањето, најавена е и изложба на фотографии на младата фотографка Емилија Трајковска. Модератор на настанот ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски.
„Некои луѓе ќе викнат, ќе крикнат: ‘Младите денес ништо не прават’, ‘Млади бездарници’ или, пак, ‘Денес младите се тапа’. Инспирирани, испровоцирани, поттикнати од таквите мудри изреки, ги започнавме книжевните читања наречени „Клинци“. Секое издание ве запознаваме со четворица автори и авторки кои се дел од младинската книжевна сцена, ве запознаваме со нивната поезија и проза, а секое издание ќе биде дополнето и со изложба!“, велат во најавата за настанот од „Култура Бета“.