Важни промени за пензионерите во БиХ: Добија можност да работат без прекин на пензијата

1952

Пензионерите во Босна и Херцеговина конечно добија можност да работат без да им се запре исплатата на пензијата. Но, можат да работат само оние кои отишле во  предвремена и старосна пензија, но не и оние кои примаат семејна и инвалидска пензија. Законските измени се донесоа затоа што Уставниот суд ја прогласи за неуставна суспензијата на пензиите за пензионерите кои ќе се вработат.

Важната законска измена ја поздравија и пензионерите од Босна и Херцеговина кои во иднина ќе можат да се вработат без да им се укине пензијата. Во Хрватска речиси 30.000 пензионери работат со скратено работно време, покажуваат најновите податоци на Заводот за пензиско осигурување.

Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина ги усвои измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО), а во согласност со одлуката на Уставниот суд, кој го прогласи членот 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ПИО од 2022 година за неуставен. Во членот 116 од Законот за ПИО беше предвидено запирање на исплатата на пензија на корисниците кои стекнуваат статус на осигуреници од задолжително осигурување. Со неговото бришење сега се овозможува корисниците на пензија во Федерацијата Босна и Херцеговина истовремено да го остварат правото на старосна пензија и да засноваат работен однос, без разлика дали оствариле право на целосна или предвремена старосна пензија.

Но, со измената на член 89 од Законот за ПИО, исплатата на пензии се прекинува кога лице примател на семејна или инвалидска пензија ќе заснова работен однос. Имено, се смета дека лице на кое му е определена прва категорија инвалидност не е работоспособно, па не може да работи ниту по земањето пензија, што ја добива по основ на неспособност за работа. Се смета дека овозможувањето работа на лицата со инвалидска пензија ќе доведе до злоупотреба и во иднина ќе го зголеми бројот на инвалидски пензии во пензискиот систем, се вели во образложението на одлуката.

Слични причини има и за семејната пензија, која служи како заштита на семејството на починатиот корисник, но само доколку корисникот не е на задолжително осигурување и не остварува приход од работен однос.