Ватикан: Осмата ноќ во болница, папата Франциск се одмора добро – превентивно останува хоспитализиран и во претстојната недела 

20

Папата Франциск, кој пред осум дена беше хоспитализиран поради воспаление на белите дробови, „одмара добро“, соопшти Ватикан, иако се уште постои загриженост за неговото здравје.

„Папата Франциск добро се одмора“, се вели во соопштението на Ватикан, откако еден од неговите лекари, професорот Серхио Алфиери, одговори негативно на новинарско прашање дали папата е надвор од животна опасност на брифингот за новинарите одржан во петокот во болницата Гемели во Рим.

Тој објасни дека „во случаи како овој, постои ризик патогени да влезат во крвотокот и да предизвикаат потенцијално фатална сепса“.

Токму затоа, превентивно, и покрај тоа што е „малку подобро“ и не е приклучен на ниту една машина, оправдано е да го задржат во болница „барем цела наредна недела“, рече тој пред толпата новинари. Тој додаде дека „ќе бидат потребни денови, па дури и недели за да се види ефективноста (…) на терапијата што се применува“.

Папата ги прима своите најблиски соработници во болницата, чита, потпишува документи и телефонира.

Франциск беше хоспитализиран на 14 февруари, првично поради бронхитис, но Светата столица во вторникот откри дека тој развил пневмонија на двете бели дробови, потенцијално фатална инфекција на белодробното ткиво.

Неговата хоспитализација, четврта од 2021 година, предизвикува сериозна загриженост бидејќи папата е веќе ослабен поради низа здравствени проблеми што ги имаше во последниве години, од операција на дебелото црево и абдоменот до отежнато одење.

Загриженоста за здравјето на Франсик, кој не се појавува во јавноста од 14 февруари, дополнително се засили со ширењето на лажни информации на социјалните мрежи, особено на X, каде што извештаите за неговата смрт се објавуваат на повеќе јазици.

Ватикан не откри дали Франциск ќе може да ја води неделната молитва Ангел Господов од болницата во недела, како што правеше претходно. Алфиери рече дека „Папата е тој што одлучува“.

Неговата здравствена состојба уште еднаш покренува прашања за неговата способност за вршење на папската функција, а канонското право не предвидува во случај на посериозен проблем што може да влијае на неговиот разум.

Истовремено, се шпекулира и за можна оставка на папата, која потекнува од противниците на Франциск, особено од конзервативните кругови.

„Имам впечаток дека сето ова е обична бескорисна шпекулација“, изјави за весникот „Кориере дела сера“ кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар и втор човек на Ватикан. „Фала му на Бога, вестите што доаѓаат од „Гемели“ се охрабрувачки, тој се опоравува“, додаде тој.

ИЗДВОЕНИ