Македонија и Ватикан низ годините имаат добри меѓудржавни односи но тоа не значи дека нема и отворени прашања кои сè уште не се решаваат. Посетата на неодамна починатиот папа Франциск на Македонија во 2019 година, приемите на македонските делегации во Светата Столица, за време на чествувањето на Свети Кирил на 24 мај, истовремено беа и прилики на кои се зборуваше за нерешените прашања кои ги истакнуваа двете страни. Потребата таквите прашања и проблеми во меѓусебните релации да се надминат многу повеќе беа поставувани од страната на ватиканските претставници бидејќи непосредно се однесувале на дејствувањето на Католичката црква во Македонија. А нив ги имало повеќе.
Изворите на весникот ВЕЧЕР, упатени во односите меѓу Македонија и Ватикан, наведуваат дека едно од најважните прашања и проблеми кои речиси постојано го потенцира Светата Столица се однесува на враќањето на имотот на Католичката црква во атарот на некогашното село Паљурци кај Валандово.
-Тоа е едно од нивни најважни барања, тој имот да се врати во рамките на процесот на денационализацијата. Католичката црква тоа го побарала, но потоа следувале неколку одлуки на судските органи со кои е одбиено нивното барање за денационализација. Тие сметаат дека имаат доволно докази дека земјиштето своевремено било во сопственост на Католичката црква и дека треба да им се врати но судските органи не сметаат така – наведува нашиот извор.
За сега напуштено и без жители, селото Паљурци се верува дека во 51 година после Христа, го посетил апостол Павле при своето патување во Македонија. Кон крајот на 19 и почеток на 20 век, ова место станува духовен центар на Католичката црква во кој дејствува монашката заедница на чесните сестри-евхаристинки. До тоа доаѓа откако католичкиот лазаристички свештеник Јосиф Алоати и сестра му Еврозија, кои потекнуваат од Италија, го купуваат тамошниот имот и во 1892 година го пренесуваат седиштето на сестрите евхаристинки од Солун во Паљурци. За кусо време, во селото бил основна најпрвин женски манастир, сиропиталишта, земјоделско училиште… Но, потоа, по Балканските и Првата светска војна, селото по 1924 година е опустено. Таму сега постои една Католичка црква, а планот предвидува да се изгради голем католички манастир. Но, проблемот е што Католичката црква нема тапија за земјата.
-Парцелата која се бара е голема, таму има и цело вештачко езеро но тие би прифатиле и помала парцела. Проблемот кај нас е што често се менуваат влади, премиери, министри и ниту еден по запознавањето со проблемот не успева да го доведе до крај – наведува нашиот извор.
Во 2017 година, тогашниот премиер Зоран Заев, имал средба со ватиканскиот амбасадор во Софија, Бугарија, монсињор Анселмо Гвидо Пекорари, а кој ја покрива и Македонија. На таа средба, како што беше соопштено, се зборело за „што поскоро решавање на проблемот со денационализација на локалитетот Паљурци“. Но, проблемот пак не се решил. Инаку, подрачјето на Паљурци се наоѓа во рамките на Повардарската епархија на МПЦ-ОА со која раководи митрополит Агатангел.
Во 2021 година, по посетата на тогашниот македонски претседател Стево Пендаровски на Ватикан, во медиумите се појавија информациите дека Светата Столица бара доградба на споменикот наменет за Мајка Тереза, на скопскиот плоштад, преземање на нејзината Спомен-куќа на улица „Македонија“ и изградба на посебно светилиште. Познато е, споменикот на плоштадот почна да се гради во 2015 година и требаше со 5,5 милиони евра да го финансира контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, кој потоа заврши во затвор. Пред неколку години тогашната Влада одлучи дека е поевтино недоградениот споменик на Мајка Тереза да го пренамени, наместо да се руши или да се дислоцира како што препорача работната група за „Скопје 2014“.
-Доградбата на тој споменик веќе не е силно барања на Католичката црква поради тоа што во заднина имало криминални дејствија и со тоа би се ставила дамка на нејзиниот лик. Поважно барање е сега да се изгради посебно светилиште на Мајка Тереза. Барањето е тоа да биде на Водно и да биде од отворен тип, нешто како „Школка“ во Градскиот парк – наведува изворот на весникот ВЕЧЕР.
Едно од барањата на Католичката црква до македонските власти е и потребата да се смени еден ДУП донесен од општина Чаир, а со кој е предвидено да се направи улица токму во дворот на тамошната Католичка црква посветена на Свети Јосиф. Улицата сè уште не е направена и се бара таа да биде преместена со оглед на плановите дворот да се уреди а храмот да се прошири.
Сите овие барања, значи, сè уште не се решени и неизвесно е кога и како тоа би можело да се случи.
Од друга страна, македонските барања од Ватикан се однесуваат на потребата Светата Столица да има своја амбасада во Скопје.
-Ватикан дипломатски ја „покрива“ Македонија преку свој Апостолски нунцијат, кој што е лоциран во Софија, односно има нерезидентен амбасадор тука. А наша желба е да имаме нунцијат во Скопје – наведува нашиот извор.
Ваквото барање минатата година, за време на престојот во Рим и средбата со папата Франциск, го изнела и македонската претседателка Гордана Сиљановска- Давкова. Тогаш било спомнато и склучување на посебен договор – конкордат меѓу Македонија и Ватикан.
– На средбата изразив разбирање за склучување на конкордат со Ватикан, бидејќи системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата врзани особено за статусот на Католичката црква и христијаните од католичката вероисповед кај нас. Изразив желба да се отвори нунцијат кај нас бидејќи така ќе може навистина соработката да биде директна. Има некои проблеми врзани за национализацијата на земјиштето или за отворање на црква во Чаир, всушност таму има локација, но заради промената на урбанистичкиот план не може да се реализира – рече тогаш претседателката Сиљановска-Давкова. (Б.Ѓ.)