Екипата на Ферари полека покажува знаци на шампионски тим, бидејќи изгледа далеку посупериорно во однос на минатите години и ја заврши 2024 година на второто место во поредокот за конструктори, само 14 бода зад Мекларен.
Благодарение на импресивниот пресврт во втората половина од годината, Ферари успеа да ја направи борбата за титулата неизвесна до последната трка.
Победите на Шарл Леклер и на Карлос Саинц во овој период беа клучни за враќањето во форма и за престигнувањето на дотогаш моќниот Ред бул.
Сепак, триумфот на Ландо Норис во Абу Даби беше одлучувачки за титулата на Мекларен во конструкторскиот дел.
Зборувајќи за предизвиците со кои се соочуваат, тимскиот шеф Фред Васер истакна дека клучна лекција од оваа сезона е способноста на тимот да реагира во најтешките моменти. Тој потсети на разочарувачките резултати во Шпанија, каде што завршија на петтото и на шестото место, и во Австрија, каде што Саинц беше трет, додека Леклер остана без бодови.
- Најпозитивниот аспект оваа сезона беше способноста на тимот да се приспособи и да реагира кога беше во тешка ситуација. Да се имаат добра динамика во тимот и постигнување резултати е една работа, но реакцијата во моменти на криза, како оние што ги доживеавме во Шпанија и во Австрија, е клучна за иднината. Токму преку таквите реакции ги градиме довербата и темелите за следните сезони – истакна Васер.
Влегувајќи во последната година со сегашните технички прописи, Ферари се надева дека ќе ја прекине долгата суша без титула, која трае од 2008 година, кога последен пат го освои шампионатот за конструктори.
Васер истакна дека успехот не зависи од еден фактор, туку од напредокот во сите сегменти.
- Ако сакаме да бидеме успешни, мора да бидеме фокусирани на секој сегмент од перформансите. Секој дел од тимот мора да работи подобро, не сакам никого да издвојам бидејќи сè е подеднакво важно – додава Васер.
Според него, клучот е во секојдневното подобрување.
- Мораме да доаѓаме секое утро со цел да бидеме подобри од вчера. Тој менталитет е универзален за спортот, без него сме загубени. Ќе продолжам да го бодрам тимот, затоа што сите треба да бидат убедени дека придонесуваат за подобар настап – смета шефот на тимот.
Иако техничките промени се ограничени за следната година, Ферари се фокусира на извлекувањето максимум од постојните ресурси, верувајќи дека секој детаљ е клучен за успехот.
Со јасна стратегија и со научени лекции од тешките моменти, италијанскиот гигант, заедно со Васeр, влегува прилично оптимистички во новата сезона, подготвен, конечно, да му стави крај на долгогодишното чекање за титулата.