Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, е во бегство, потврди премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес конференција.
Според Мицкоски, единствено Ковачевски е недостапен за органите на прогонот, додека останатите 22 лица осомничени за криминал во врска со работењето на електраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино, како што рече, се обезбедени.
„Имаме 23, минус еден можеби е избеган, но очекувам да биде обезбеден пред правдата. Не, не е во државата, но очекувам да го обезбедиме, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, станува збор за криминал во износ од 6,5 милиони евра. Тој најави дека во претстојниот период јавноста ќе дознае за уште многу сомнителни активности, кои ќе бидат материјализирани преку работата на органите на прогонот.