„Стасај ме ако можеш“ во издание на „Матица македонска“ и „Дотаму-доваму, натаму-наваму“ во издание на „Просветно дело“, се насловите на двете нови книги на еден од најплодните македонски писатели за деца Васил Мукаетов. Како што вели и самиот автор, овие книги на духовит начин преку стихови, на децата им го доближуваат светот што ги опкружува на еден атрактивен начин, збогатувајќи го нивното знаење за најразлични теми. Книгите се наменети за децата од основното образование.

Мишо Китаноски, писател, публицист и издавач за книгата „Стасај ме ако можеш“, посочува дека таа е уште еден негов квалитетен и потврден исчекор во македонската литература за деца.

„И во најновиот ракопис, Мукаетов го задржува својот сопствен стил – авторски и содржински, пишувајќи за богатиот свет на современото дете. Треба да се посочи дека македонската литература за деца, во својот досегашен развој беше исклучително исполнета со рурална поезија и проза, која во сегашни услови на развојот на општеството и технологијата изгледа, за жал, застарена и стереотипна. Оттука, појавата на поетот за деца Васил Мукаетов и неговите дваесетина по многу нешта значајни книги, само ме уверува дека тој е авторот што го следи современото дете, со вистински очи и како рамноправен соговорник ја продолжува играта како слобода, а слободата ја поистоветува со постоењето на својот читател – детето. Едноставно, овој македонски поет за деца се осмели, и со содржината на ракописот ја прошири границата на поетските теми, суверено и доминантно внесувајќи го семејството како дел од севкупната психологија на постоењето на сите нас и на децата, притоа откривајќи нови поетски простори и елементи“, вели меѓу другото Китаноски.

Токму и циклусите во книгата се насловени „Од час во час сè нешто ново околу нас“, „Врв си е врв, гледај да си дома прв“, „Лево десно. Со децата сè е лесно“, „Татковината е вековнина, татковината е траење, татковината се чува со разум и со знаење“ и „На крајот – нешто ќе сториме за да се одмориме“.

Втората книга, „Дотаму-доваму, натаму-наваму“, пак, зборува за дилемата на децата кога имаат слободно време, а го имаат, „за љубопитството и талент за изненадување“.

Мукаетов посочува дека во ова време на развиена технологија, децата сепак, треба повеќе да читаат книги и тоа од домашни писатели.

„Технологијата покрај сите предности, има и негативно влијание врз времето и навиката на децата да читаат. Сите оние што се околу децата, наставници педагози, родители и писатели се битни и влијаат на тоа дали децата ќе читаат повеќе или помалку. „Не можеме да оставиме само на нив, тие бараат заштита од многу нешта. Технологијата е посебен проблем, бидејќи го одзема времето и нуди содржини кои немаат ништо заедничко со возраста. И затоа, што да се прави? Писателите треба да се трудат да имаат поголема продукција за децата, а не само да има преведена литература. Нашата литература за деца треба да ја направиме што подостапна, а она што го пишуваме треба да биде со јазик, содржина, атмосфера и амбиент во кој живее сегашното дете, новини со кои се среќава, кое ги доживува секојдневно“, вели меѓу другото Мукаетов.

Тој посочува дека битката е да се објаснат на децата одредени термини од современието, но и да се потсетиме на традицијата, на народното богатство, а тоа им е овозможено и во неговите претходни книги преку стихувани гатанки, поговорки од Цепенков…

Инаку, Мукаетов е автор на над 20 книги меѓу кои „Ти реков, ми рече“ (1995), „Ние дома“ (2003), „Поглед со двоглед“ (2005), „Ај погоди“ (2011), „Скокни прескокни – второ лектирно издание“ (2018), „Мариовски сказни-Пејови приказни“ (2020), „Има ли страна петта“ (2022)… (Д.Т.)

 

 

ИЗДВОЕНИ