Според податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање, земени од мерната станица во Гевгелија, како и спроведените вонредни инспекциски надзори на општинскиот инспектор за животна средина, Гевгелија сè уште важи за средина со здрав амбиентален воздух.
– Надминување на граничните вредности од 50 микрограми на метар кубен за ПМ 10 честички во Гевгелија, во текот на 15 дена во месец јануари 2025 година, кога се движеше под прагот за алармирање за суспендираните честички ПМ 10, а кој изнесува над 150 mg/m3 во два последователни дена, кога самото Министерство издава соопштение за надминување на прагот на алармирање во даденото место, го прогласува како град со загаден воздух – ова е нотирано во Информацијата за состојбата со амбиенталниот воздух во Гевгелија и мерките што ги презема Општина Гевгелија за граѓаните да имаат почист воздух, која инспекторката за животна средина Милица Аџигогова, им ја презентираше на советниците, на последната седница на Советот на Општина Гевгелија.
Општина Гевгелија, се вели во оваа информација, поседува мерна станица од 2020 година набавена преку ИПА програмата за прекугранична соработа и е поставена во непосредна близина на јавната општинска установа детска градинка „Сончогледи“ во Гевгелија.
– Ако до тогаш жителите на општината живееја во уверување дека во нивниот град воздухот не е загаден, по поставувањето на мерната станица, се виде дека тоа и не е сосема точно. Имено, при секојдневните мерења на концентрацијата на одредени загадувачки супстанции изминатите години, особено во текот на зимскиот период, забележано е дека овие концентрации во Гевгелија ги надминуваат граничните вредности пропишани во националната законска регулатива – се наведува во Извештајот.
Треба да се напомене дека надминувањето на граничните вредности од 50 микрограми на кубен метар за ПМ 10 честичките во Гевгелија, во текот на зимскиот период, особено во периодот од 22 до 24 часот, се движи под прагот за алармирање за суспендираните PM 10 честички, кој изнесува над 150 mg/m3 во два последователни дена. Тогаш самото Министерство издава соопштение за надминување на прагот на алармирање во даденото место, и го прогласува како место со загаден воздух.
Исто така, во зимскиот период влијанието на главните извори на цврстите честички значително се зголемува поради климатолошките и метеоролошките услови односно: географската местоположба на градовите и недоволно струење на воздухот кое би го одведувало загадувањето, што, за среќа во Гевгелија не е случај, бидејќи е познато дека во подрачјето каде што се наоѓа овој град често има појава на ветерот „Вардарец“, кој значително придионесува за отстранување на суспендираните честитки од воздухот.
Согласно последниот извештај за инвентар на емисиите на загадувачките супстанци во воздухот, уделот на изворите на емисија на ПМ 10 и ПМ 2,5 во воздухот во градовите во Македонија, меѓу кои и во Гевгелија, покажува дека согорувањето на горива во домаќинствата и административните капацитети, со 45 проценти, производството на енергија, со 22 проценти како и производствените процеси во индустрија со 8 проценти, имаат најголем удел во емисиите на загадувачки супстанци во воздухот.
– При инспекцискиот надзор, инспекторот има извршено контроли на поголем број на евентуални загадувачи на воздухот, како што се: механичарски работилници, автолимарски работилници, пекари, субјекти со Б интегрирани еколошки дозволи во поглед на емисии во воздух, вода, и управување со отпад. Притоа, од страна на инспекторот се утврдени одредени неправилности, при што се донесени и соодветни акти согласно Законската регулатива – се вели во Извештајот и се апелира до гевгеличани да бидат свесни и совесни за неправилното горење на опасни материи, односно да не употребуваат при загревањето пластика, гума, обработено дрво, како и разни отпадни материјали, а се со заедничка цел намалување на емисиите на загадувачки материјали кои притоа се ослободуваат.
(Љ.А.)