Фудбалскиот клуб „Вардар“ вечерва соопшти дека е договорен пријателски меч со Црвена звезда од хуманитарен карактер, собраните средства ќе бидат донирани за семејствата на настраданите во ужасната несреќа која се случи во Кочани.
„Како акт за помош на настраданите во огнената стихија во Кочани, Генералниот директор на белградска Црвена Ѕвезда Звездан Терзиќ и Извршниот директор на скопски Вардар Миленко Неделковски, вечерва се договорија двата клуба да одиграат хуманитарен натпревар во Скопје на 16-ти април. Сите средства собрани од влезници и спонзори ќе одат за семејствата на настраданите во огнениот пекол во Кочани, соопштија од клубот.
Натпреварот ќе се игра на 16 април на Националната арена „Тодор Проески“.
ФК Вардар изразува огромна благодарност до големите фудбалски пријатели и нивната армија од навивачи за овој бескрајно голем хуман потег.
Двата клуба договорот ќе го потпишат во текот на утрешниот ден.
Во пожарот во дискотеката во Кочани загинаа 59 лица, а над 150 беа повредени и пренесени на лекување во болница.