Во време кога ифтарските вечери се многу популарни, едни политичари организираат и пуштаат покани, а други не ги прифаќаат или, пак, не се поканети. Во оваа приказна, најактуелна е кандидатката на претстојните претседателски избори, Билјана Ванковска, поддржана од Левица, која заедно со кандидатот на Гром, Стевчо Јакимовски, не се најде на списокот на гости кај својот противкандидат од ДУИ, Бујар Османи, но експресно ја одби поканата на кандидатот од СДСМ, Стево Пендаровски, кој, исто така, ќе организира дружба по повод постите за Рамазан.
Откако не доби таква покана од другиот противкандидат, Бујар Османи, кому му посвети цел материјал на социјалните мрежи, и овој пат Ванковска објасни зошто не сака да оди кај Пендаровски.
– Благодарам за поканата за ифтарска вечера упатена од претседателот Стево Пендаровски, која, за жал, ќе морам да ја одбијам. Имено, моето разбирање на демократската политика е во духот на секуларноста, на која, впорчем, нè обврзува и Уставот. Државата и верските заедници се одвоени едни од други, а нам, како претенденти за највисоката позиција во државата, не ни прилега ниту во кампања ниту надвор од кампања да им се додворуваме на граѓаните со организирање средби од ваков вид. Посакувајќи им на сите верници од муслиманска вероисповед лесни рамазански пости и среќни празници, сепак, ќе укажам и на нужноста од заедничко изразување солидарност и емпатија за два милиона луѓе во Палестина, кои намерно се изгладнуваат, а не постат, иако го почитуваат својот верски кодекс. Во најмала рака, можеме да упатиме апел за итен прекин на огнот и доставување хуманитарна помош со овие луѓе и особено децата, кои гладуваат во степен пострашен од оној во Дарфур или во Сомалија. Дозволете однапред да укажам дека мојот одговор ќе биде идентичен и за евентуална (како што разбрав, веќе медиумски најавена) покана за средба од ваков вид по повод велигденските празници. Верувам дека средствата наменети за овие средби можат да бидат пренаменети за поблагородни цели. Ние, како претседателски кандидати, можеме да испиеме заедничко кафе во кое било кафуле во Скопје или на друго место без да создаваме трошоци и да испраќаме несоодветни политички пораки до граѓаните – објави Ванковска на својот фејсбук-профил.