Вања е киднапирана по грешка, а потоа ладнокрвно убиена!

1769

Сведочењето на обвинетиот Велибор Манев предизвика досега најголема вознемиреност кај присутните во судницата, во овие седум и пол месеци колку што трае судењето за двојното убиство на Вања и Панче. Таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање при киднапирањето, додека го слушаше Манев како ја грабнале Вања од влезот на зградата, се вознемири и не можеше да го сопре гласното липање, па судијата на кратко го прекина судењето да се смири атмосферата во судницата. На денешното рочиште, судската полиција го седна Љупчо Палевски во последниот ред од судницата. За цело време од процесот, тој седеше напред, па може да се објасни дека оваа рокада е од безбедносни причини, поради сведочењето на Манев

Судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжи со сведочењето на обвинетиот Велибор Манев од Велес, сосед на Панче Жежовски, со кого претходно имал нерасчистени сметки, му должел 1.500 евра за каменот со кој му го поплочувал дворот.

– Не му се допаѓаше, па дел ги извадив, но тој и натаму не ми го враќаше долгот – го започна исказот во судницата Манев, на прашањето од кога и како ги познава обвинетите и Жежовски.

Јавноста очекуваше дека деталите што ќе ги сподели обвинетиот ќе предизвикаат силни реакции, но она што следуваше беше навистина вознемирувачко.

– Јас ја однесов полицијата каде што го закопавме Панче, требаше да биде тоа „земуница“ ископана уште во 2022 година, за чување на грабнатите по планот на Љупчо Палевски – откри Манев.

Со Палевски се запознал на „Фејсбук“ и пристапил во тогашното движење Трета. Влатко Кешишев го запознал во канцеларијата, каде што бил по цел ден, му готвел и му служел на Палевски. Првично планот им бил да грабнат жена за која ќе бараат пари, според Манев, сценариото го правел Палевски, во кое требало да се најде необележана кола, а таква би имал единствено пензионер. Велибор се сетил на Панче, одговарал на профилот, самецот што живеел далеку од градот, од семејството.

– Имам еден таков, ме „зафркна“, може да го искористиме – му кажал Велибор на Палевски.

Обвинетиот ги потврди снимките од камерите на неговата куќа. Вечерта дошол Палевски да го извиди местото, а утрината, во 7:30, на 23.11.2023 година, го чекале Панче да излезе од својот дом, Велибор Манев, Боре Видевски кој пристапил по препорака на Манев, понатаму Палевски, а Кешишев ги чекал долу, кај пругата, со возилото на Десна, бел пикап. Панче не излегувал, најверојатно поради студеното утро, па, по моторола, Палчо ги испратил двајцата да му чукнат на вратата. На главите носеле црни маски. Панче излегол, Боре го турнал во претсобјето, а Велибор му ја ставил раката на уста бидејќи викал. Додека го врзувале, влегол Палевски и ги зел од куќата телефонот на Панче и клучевите од стариот „ситроен“. Го ставиле во гепекот од неговата кола, а Палчо му го фрлил телефонот во долот. Се упатиле кон местото Рудник, каде што требало да го чуваат во „земуницата“. На ногата да му стават бетонски тег, врзан со железен синџир, да не може да бега. Според планот што го опиша Велибор, требало да го ослободат Панче откако ќе ја грабнат жената со неговиот „ситроен“. Но, планот тргнал наопаку. Додека Велибор го одврзувал Панче, ненадејно Палчо извадил пиштол и му пукал во слепоочницата. Велибор, во шок, избегал кон шумата, а по него и Боре Каратистот. Гледале како Палевски го влече мртвиот Панче, завиткан во церада и го превртува во дупката.

– Зошто, не требаше вака, не сакам да продолжам со ова? – Го прашал, Велибор, на што Палевски му одговорил: „Да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија“. Телото на Панче било во отворената дупка неколку дена, по што Палевски им се јавил на велешаните да одат да го затрупаат со земја да не мириса на труп. „Ситроенот“ на Панче го оставиле на паркинг-плац во населбата Маџари. Во седиштето на партијата Десна, Палевски ги чекал со нови насоки во планот. Според Велибор, Палевски имал список со жени што би биле потенцијален плен за грабнување. Првата била сопруга на Страшо, директор на „Гранит“, но се одлучил тоа да биде ќерка на сопственик на фармацевтска куќа. Според кажувањето на Манев, имале два неуспешни обиди за грабнување а жена на возраст од 38 до 40 години, бидејќи немало можност. Кај сутеренот во дуќаните на улицата „Наум Наумовски-Борче“, каде што ја чекале жртвата да ја внесат и врзат, имало движење од луѓе. Палевски, продолжи Манев, ја следел и сликал пикираната жена, кога излегува од зградата, која ѝ е траекторијата на движење, а сликите им ги испраќал за препознавање. Третиот обид за грабнување бил на кобниот ден, 27.11.2023. Во „ситроенот“ биле Манев, Видевски и Кешипев, а зад нив возел Палевски во „рено кангу“. Претходно, Палчо им го објаснил системот на отклучување на влезната врата од зградата и им го опишал внатрешниот дел. Кешишев чекал надвор, во возилото на Панче. Велибор и Боре, со селотејп во раката, чекале да излезе жена од лифтот, било 7:20 часот, а Палчо, преку моторола, ги потсетувал за времето.

– Кога се симнуваше по скалите, со едната рака Боре ѝ ја стави лентата, а со другата ја втурна и ја повлековме под скалите. Влатко ја донесе колата пред влезот и ја ставивме во гепекот.

По овие зборови, таткото на девојчето почна силно да липа, полицијата го изнесе надвор од судницата да се смири, а судијата Ивица Стефановски кратко го прекина судењето. Палевски, за цело време додека зборуваше Велибор, не изусти ни збор, мирно го следеше секој негов збор. По паузата, она што следуваше предизвика силна вознемиреност кај присутните. Обвинетите ја однеле Вања кај местото Оризови Дупки, кај селото Бразда. Таму Палевски имал недоправени простории, каде што требало да ја чуваат до исплата на откупот. Палевски им ветил, на секого по 150 илјади евра, но планот повторно се променил откако од гепекот, место жена на средни години, се појавило дете.

– Ја праша Палевски која е, чија е. Откако му одговори детето, ни рече да го извадиме надвор од вреќата за спиење во која го завиткавме за да го слика и за да ѝ прати барање за откуп на фамилијата, посведочи обвинетиот Манев.

Тој и Влатко му предложиле да ја ослободи, дека грабнале погрешна личност, на што Палчо им одговорил да не берат гајле, но дека првичната сума за откуп отпаѓа, дека новата ќе била помала. Но, да не се грижат оти ќе ги земат парите. Но, она што следувало од Палевски било уште еден шок за Велибор. Извадил пиштол и перниче и низ него пукал во главата на девојчето. Се вратил Палевски во „рено кангуто“, од кое извадил нови копач, лопата и дурија. Ги фрлил на земја и им наредил на тројцата: „Копајте!“

– Копавме во смрзнатата земја. Палевски ја поткрена од главата, ние откај нозете и ја спуштивме во дупката – силно воздивна обвинетиот Манев, а во судницата завладеа морничава тишина.

„Ситроенот“ го запалиле кај селото Глуво и се вратиле во седиштето на Десна, во 10:00 часот. Во следните денови, Палевски му се јавил на Манев неколкупати, на апликацијата

за комуникација „Телеграм“, му најавил дека ќе оди за Москва. Следниот повик бил од Турција, му се јавил да му посредува, преку негов пријател, да изнајми куќа под кирија, бидејќи престојот во Истанбул бил многу скап. Така Палевски заминал за Баликесир, но не за лекување на `рбетот, туку да избега од полицијата, која веќе ги расветлувала злосторствата. Манев, во своето неколкучасовно сведочење, ја обвини полицијата за тортура, рече дека таткото на Вања, обвинетиот Александар ,не бил инволвиран во киднапирањето, туку дека со ќотек му го изнудиле таквото признание инспекторите од Скопје. На прашањето зошто учествувал во грозоморните убиства, Манев рече од страв од Палевски, дека ќе го отепа него и неговата фамилија ако му го заврти грбот. Обвинителката Жаклина Јосифовска го прочита исказот на Манев даден во истрага и тогаш како и сега кажал дека мислел оти станува збир з повозрасна жена, а не за малолетно девојче.

-Кога излезе девојчето Боре ѝ рече: „Немој да викаш, ќе пукаме“. Ја сместивме, јас и ја врзав устата со лента. Со салотејп и ги врзавме нозете преку вреќата. Ѝ рековме: „Не викај, ќе те пуштиме по некое време.“ Таа само климна. Телефонот на девојчето Боре го скрши со чекан, ја извади и батеријата. Кога стигнавме Љупчо рече: „Ќе оди и таа“. Ја распраша и каде и работат родителите и за дедо ѝ. И ги побара броевите и таа му ги даде. Го праша и колку станови имаат. „Од тато не барај пари, тој не нè сака, мама душата ќе ја даде“ му рече таа на Палчо, се вели во исказот на Манев. Преходно исказот го читаше обвинителката Ана Стојковиќ, но во еден момент почна да плаче па ја замени другата обвинителка. Судењето продолжи со вкрстено испрашување. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ