Вампирска мистерија што живее и денес

58
DRACULA A.D. 1972, Christopher Lee, 1972

Во срцето на Лондон, зад железните порти на гробиштата Хајгејт, се наоѓа една од најинтригантните паранормални приказни на модерна Британија. Имено, во текот на раните седумдесетти, таа викторијанска некропола стана центар на вампирската хистерија која ја потресе јавноста и создаде урбана легенда која сè уште живее.

Почеток на легендата

Сè започна кон крајот на 1969 година кога Дејвид Фарант, локален истражувач на паранормалности, пријавил дека видел висока сива фигура како лебди низ гробиштата. Неговиот напис во локалниот весник Hampstead & Highgate Express предизвика лавина слични сведоштва од граѓани кои тврдеа дека виделе мистериозно привидување со светли црвени очи.

Судир на ловци на вампири

Во меѓувреме, Шон Манчестер, самопрогласен бискуп и ловец на вампири, излезе со драматична теорија дека суштеството е всушност средновековен романски благородник кој практикувал црна магија. Според неговите тврдења, телото на вампирот било пренесено во Лондон во 18 век и погребано на гробиштата Хајгејт.

Врвот на хистеријата се случи на 13 март 1970 година, кога по телевизиско шоу за феноменот, стотици луѓе упаднаа на гробиштата во потрага по вампирот. Полицијата едвај успеа да ја задржи ситуацијата додека самопрогласените ловци на вампири вооружени со колци и крстови ги пребаруваа гробиштата.

Неколку месеци подоцна, на 1 август 1970 година, недалеку од катакомбите биле пронајдени јагленисани и обезглавени остатоци од женско тело, а полицијата заклучила дека телото било користено во ритуал на црна магија.

Фарант, пак, една ноќ во август полицијата го пронашла во дворот на црквата до гробиштата, како носи распетие и дрвен столб. Тој беше уапсен, но кога случајот дојде на суд, беше ослободен.

Неколку дена подоцна Манчестер се врати на гробиштата Хајгејт. Кога го подигнал капакот на еден ковчег подготвен да пробие кол низ телото на починатиот, неговиот пријател го убедил да се откаже. Неволно го затворил ковчегот, но ги оставил лукот и темјанот.

Последици и контроверзи

Приказната доведе до серија вандалски акти на гробиштата, вклучително и сквернавење на гробови и откривање на мртви животни за кои се тврди дека се жртви на вампири. Во 1974 година, Дејвид Фарант заврши во затвор поради вандализирање на гробишта, иако секогаш тврдеше дека е невин.

Иако никогаш не е пронајден вистински доказ за постоењето на вампирот, приказната остави неизбришлива трага во британската поп култура. Послужи како инспирација за хорор филмот „Dracula A.D. 1972“ и бројни книги, а гробиштата Хајгејт стана незаменливо место за љубителите на паранормалното.

Денес, половина век подоцна, гробиштата Хајгејт се елегантна туристичка дестинација, но легендата за нивниот најмрачен жител живее, потсетувајќи нè колку може да биде тенка границата помеѓу реалноста и имагинацијата во турбулентни времиња на општествени промени.

ИЗДВОЕНИ