Вајдел не ја сакаат во Швајцарија – ѝ дадоа лажен авиобилет за Германија

231

Швајцарската алијанса за директна демократија почна јавна кампања со која бара Алис Вајдел, лидерката на германската десничарска партија АфД, да ја напушти Швајцарија и да се врати во Германија. АФД, партијата што ја поврзуваат со неонацистите го постигна својот најдобар резултат на изборите во Германија во неделата.

Кампањата вклучува и испраќање симболично писмо со приложен лажен авионски билет за враќање на Вајдел во Германија, што е симболичен одговор на кампањата на АфД, во која беа дистрибуирани лажни билети за депортација на имигрантите. Бројот на летот на билетот за Вајдел е „AВ 88“. АВ се нејзините иницијали, а бројот 88 е шифра за „Хајл Хитлер“. Време на летот е 19:33 што е  алузија на 1933 година, кога Адолф Хитлер дошол на власт во Германија. Името на авиокомпанијата „Ари-Ер“ е игра на зборови што алудира на терминот „Ариан“.

„Швајцарија ја црпи својата сила од различноста – таа е успешен модел кој јасно ве убедува на приватно ниво“, се вели во писмото.  Авторите на писмото истакнуваат дека политичките активности на Вајдел се спротивни на овие принципи и „љубезно ја замолуваат повторно да ја напушти Швајцарија“, тврдејќи дека нивната земја „не е рај за силите кои ја загрозуваат државата и шират омраза“.

Медиумите пишуваат дека Вајдел е регистрирана во Германија, но практично живее во Швајцарија. Таа прекина интервју кога новинарот ја праша каде што навистина живее. Германскиот новинар Дејвид Гебхард ја праша во документарец за неа на ЗДФ колку често е во Швајцарија, но таа избегна да одговори.

 

ИЗДВОЕНИ