Владата бара решение за Фабриката за шински возила „Велес“, попозната како „Колска“, каде што педесетината вработени вчера штрајкуваа поради неисплатени декемвриска плата, придонеси за здравствено осигурување и К-15.
Тие се заканија со блокада на железничкиот сообраќај ако до понеделник не им се исполнат барањата.
– Во заеднички договор со вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, в понеделник вработените на „Колска“ ќе добијат плата – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Тој појасни дека кога биле избрани за Влада, дел од вработените на „Колска“ кои го организираа штрајкот им велеле „не барајте решение, дајте да си одиме во стечај и потоа во пензија“.
Како претпријатие во државна сопственост вработените побараа да ги посети премиерот Христијан Мицкоски и други претставници од Влада и вицепремиерот и министер за сообраќај и врски, Александар Николоски.
„Колска“ од декември лани е во стечајна постапка, а првото рочиште со доверителите, судот во Велес го закажа на 19 март годинава.